Прес|

Во врска со последните написи во медиумите, Општина Центар информира дека е пристигнато Барање испратено од Град Скопје за добивање согласност за отпочнување на законска постапка согласно која би отпочнала процедура за враќање на спомен обележјето на истата локација, на крстосницата помеѓу булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“.

Општина Центар во петокот испрати одговор до градот во однос на барањето, во кој стои дека општината нема надлежност во овој дел.

Согласно Законот за меморијалните споменици и спомен обележја („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04; 89/08 и 152/15 и „Службен весник на Република Северна Македонија бр. 013/21“), надлежностите за подигнување на споменици се наоѓаат во Собранието на Република Северна Македонија, додека општините можат да подигнуваат спомен обележја само за личности и настани од локално значење.

Согласно членовите 3 и 5 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја, е дефинирано дека Настаните и личностите што се одбележуваат со меморијален споменик треба да се од исклучително значење за развојот на државноста на Република Северна Македонија и за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата, се во надлежност на Собранието на Република Северна Македонија.

„На погрешна адреса е испратено барањето. Ќосето нема никаква врска со Општина Центар ниту пак е лик од локално значење и оттаму, ова прашање не може да се третира на општинско ниво. Град Скопје треба да се обрати до Собранието. Што се однесува до самиот споменик, во минатото институциите утврдија бројни законски прекршувања при поставувањето на истиот, меѓу кои и Законот за поставување на спомен обележја. Верувам дека институциите во однос на овој случај ќе постапат целосно според законот, бидејќи во минатото истиот предизвика многу контроверзии“, вели градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски

На крај, во членот 4 од истиот закон е наведено дека со спомен-обележјата се одбележуваат настани и личности кои се од локално значење и дека само тие можат да бидат подигнувани од општините и од градот Скопје.

Comments are closed.

Close Search Window