Активности|

Откако по пријави на граѓани општината беше информирана дека на Водно има повторно градежни активности, денес на терен излегоа инспектори од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар. По извршениот увид, составен е записник и постапувајќи по Законот за заштита на урбано зеленило, поведена е постапка за санкционирање на фирмата која што копала.

Што се однесува до самата парцела, ова е парцелата каде одобрение за градба има инвеститорот Маркеза ДООЕЛ издадено на 7.4.2021 година. Оваа парцела се наоѓа во рамки на укинатиот ДУП Ј07 од страна на Уставен суд. По одлуката на Уставен суд, само оние со правосилни одобренија за градење можат да градат во тој опфат.

„Како што веќе изјавив, на овој потег додека сум јас градоначалник нема да дозволам градба, а пристапен пат не е предвиден и нема да се гради од причини кои повеќе пати ги образложивме во јавноста. Според информациите, инвеститорот започнал активности за ископ очигледно со цел да ја задржи правосилноста на дозволата за градба, која доколку не започне градежни активности во предвидениот рок по закон ја губи. Но, тоа е сѐ што може да направи, бидејќи градба не може да има доколку нема пристапен пат, за кој како што веќе во повеќе наврати потврдив, општината нема да го гради“, истакна градоначалникот Герасимовски.

 

Comments are closed.

Close Search Window