По повод Денот на Европа, 9 Мај, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски присуствуваше на свечениот прием во Куршумли-ан, организиран од шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир. Слоганот на годинешниот настан „Иднината нè поврзува“ укажува на продлабочувањето на соработката помеѓу државите, како и на тоа дека нашите традиционални пријатели од Европската Унија го поддржуваат интегрирањето на Република Северна Македонија во европското семејство, што претставува наша стратегиска цел. На овој датум заеднички со гордост ја славиме европската идеја.
„Како држава ѝ даваме максимална поддршка на Европската Унија и досега покажавме дека сме доследни на ставовите, принципите и законите на ЕУ и секогаш ја следиме агендата на мир, благосостојба и единство со европските народи. Се надеваме дека членките на Европската Унија ги осознаа заложбите што ги правиме за да бидеме еднакви меѓу еднаквите во европското семејство. Му се заблагодарувам на евроамбасадорот Дејвид Гир за поддршката што Европската Унија ѝ ја дава на Општина Центар како локална самоуправа и се надеваме дека нашата соработка и понатаму ќе продолжи да се развива“-истакна градоначалникот Герасимовски.
Нека е честит Денот на Европската Унија!