Проекти|

Врз основа на член 22 став 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/02) и Програмата за комунални дејности на Општина Центар за 2023 година, ставка ГДО – Реконструкција на фасади на колективни станбени згради избрани на Јавен повик (проекти за енергетска ефикасност), бр. 08-6251/14 на 28.12.2022 година донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр. 17/22), Општина Центар-Скопје објавува

ЈАВЕН ПОВИК

ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗАЕДНИЦИ НА СОПСТВЕНИЦИ НА СТАНОВИ ОД ПОДРАЧЈЕТО НА ОПШТИНА ЦЕНТАР ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ФАСАДИ НА КОЛЕКТИВНИ СТАНБЕНИ ЗГРАДИ

  1. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК

 

1.1. Предмет на Јавниот повик е пријавување на заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од управител на станбени згради или заедница на сопственици од подрачјето на Општина Центар за реконструкција на фасадите на нивните станбени згради.

1.2. Реконструкцијата на фасади опфаќа обновување на постојната фасада со нова термичка (енергетски ефикасна) фасадна обвивка, односно фасаден систем, на постојни станбени згради на територија на Општина Центар.

1.3. Пријавувањето на заинтересираните сопственици на заедничките делови на колективните станбени згради ќе се одвива во неколку фази: информирање на заинтересираните сопственици на станови преку интернет-страницата на Општина Центар и печатените медиуми, прием и прегледување на пријавите и конечен избор на колективните станбени згради со кои Општина Центар понатаму ќе контактира и соработува.

1.4. Проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од Буџетот на Општина Центар, Програма ГДО, во висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада на станбената зграда за колективно домување, но не повеќе од 1.000.000,00 денари за секоја одобрена апликација, поднесена од заедница на станари или од мнозинство сопственици на посебни делови од станбената зграда апликантот;

1.5. Јавниот повик ќе се реализира со селекција што ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Предуслов за добивање финансиски средства е да се обезбеди правосилно РЕШЕНИЕ за реконструкција на фасада во согласност со законските прописи.

 

  1. ОПШТИ УСЛОВИ ЗА УЧЕСТВО НА ЈАВНИОТ ПОВИК

 

Право на учество на Јавниот повик имаат заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради од подрачјето на Општина Центар што ги исполнуваат следниве услови:

  • Зградата да е постара од 25 години;
  • Сопствениците на станови да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбената зграда;
  • Да нема протекување од кровниот покривач;
  • Да не се изведуваат градежни активности на зградата во текот на процесот на аплицирање (на надворешната површина, носивната конструкција и друго.);
  • Сопствениците на станови да одобруваат анкетирање, енергетски контроли и промотивни активности на нивната зграда;
  • Најмалку 70 % од сопствениците на станови сами да ги заменат индивидуалните балконски врати и прозорци;
  • Сопствениците на станови сами да ги заменат прозорците и надворешните врати од заедничките простории (прозорци од скалишни јадра, подрумски простории, комуникации, сушалници и пералници и други простории што се во сопственост на заедницата на сопственици на станови);

Барањата за реконструкција на фасадата на станбената зграда се однесуваат на постојниот објект како целина (не поединечни влезови) преку поставување термоизолациона фасада на станбената зграда. Барањата што се однесуваат на делумна реконструкција нема да бидат земени предвид.

При рангирањето на колективните станбени згради што ги исполнуваат наведените услови, како критериум ќе се користи и целосната и навреме доставената документација, како и посебните услови што се неопходни за реконструкција.

Предмет на разгледување нема да бидат објекти кај кои веќе е извршена реконструкција на фасадата пред објавувањето на овој Јавен повик.

 

3.НАЧИН НА ПОДНЕСУВАЊЕ ПРИЈАВА

 

3.1. Заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради поднесуваат пријава на образец што може да го подигнат на пријавницата во барака 3, во Архивата на Општина Центар во барака 6 или на интернет-страницата www.centar.gov.mk.

3.2. Со пријавата се доставува следнава документација:

  • Правосилно РЕШЕНИЕ за реконструкција на фасада;
  • Одлука донесена од станарите за избор на претседател на заедницата на сопственици на станови или договор за управувачки услуги (доколку работите на управувањето со станбената зграда му се доверени на управител);
  • Тековна состојба од Централен регистар, не постара од шест (6) месеци;
  • Доказ за старост на зградата (копија од одобрение за градба, копија од договор за купопродажба на стан или сл.);
  • Изјава заверена на нотар дека нема протекување од кровниот покривач (дадена од управителот или претседателот на ЗС);
  • Изјава заверена на нотар дека на зградата не се вршат градежни активности при аплицирањето (дадена од управителот или претседателот на ЗС);
  • Изјава заверена на нотар дека најмалку 70 % од сопствениците на станови ја замениле или ќе ја заменат фасадната столарија на нивната станбена единица (балконски врати и прозорци) до моментот на започнување на работите за реконструкција на фасадата (дадена од управителот или претседателот на ЗС);
  • Изјава заверена на нотар дека е заменета фасадната столарија (прозорците и надворешните врати) од заедничките простории (прозорци од скалишни јадра, подрумски простории, комуникации, сушалници и пералници и други простории што се во сопственост на заедницата на сопственици на станови) или ќе бидат заменети до моментот на започнување на работите за реконструкција на фасадата (дадена од управителот или претседателот на ЗС);
  • Договор со спецификација со цени на чинење склучен помеѓу заедницата на сопственици или управителот за вршење дејности на управување со станбена зграда, од една страна, и правен субјект со лиценца за изведувач, од друга страна, во кој ќе бидат утврдени роковите за изведба и висината на договорот со вклучен данок на додадена вредност. Приложениот договор да биде заверен со архивски број на двете договорни страни;
  • Извод од сметка на заедницата на сопственици или управителот за вршење дејности на управување со станбена зграда како доказ дека е обезбеден останатиот дел од средствата за реконструкција на фасадата;
  • Податоци од сметка за уплата на која ќе се уплати надоместокот за реконструкција во висина од 30 % од вкупната вредност на енергетски ефикасната фасада, но не повеќе од 1.000.000,00 денари.
  • Фотодокументација (фотографии од фасадата, заедничките простории, столаријата и слично);

 

4.РОК, АДРЕСА И НАЧИН НА ДОСТАВУВАЊЕ НА ПРИЈАВАТА

 

4.1. Пријавите и целата документација може да се достават од 1.6.2023 година до исцрпување на средствата.

4.2. Пријавите и другата документација, во затворен коверт, се доставуваат во Архивата на Општина Центар, на ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, Скопје, во барака 6, адресирани до Стручна комисија за реконструкција на фасади на колективни станбени згради, секој работен ден од 9 до 15 часот или по пошта на ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, Скопје.

4.3. Пријавите со нецелосна документација или пријавите доставени по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат.

 

  1. ДОПОЛНИТЕЛНИ ОБВРСКИ ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ПОСТАПКАТА ЗА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ФАСАДАТА

 

По завршувањето на работите заедницата на сопственици, односно управителот задолжително треба до Архивата на Општина Центар-Скопје да ја поднесе следнава документација:

 

  • Извештај за технички прием (или завршен извештај од надзорен орган);
  • Изјава заверена на нотар дадена под кривична и материјална одговорност дека средствата целосно се искористени во согласност со намената за која се дадени.

 

НАПОМЕНА:

 

Сите вишоци и непредвидени работи што ќе произлезат при реализацијата на фасадата ќе бидат на товар на заедницата, односно управителот.

Доколку средствата не бидат целосно искористени, да се приложи известување со повраток на средства на сметката на Општина Центар-Скопје.

Со објавувањето на овој Јавен повик се става вон сила Јавниот повик за пријавување на заинтересирани заедници на сопственици на станови од подрачјето на Општина Центар за реконструкција на фасади на колективни станбени згради бр. 09-1752/1 од 2.4.2018 година и обврските произлезени од него.

 

 

 

Бр. 092310/2                                                                        Градоначалник

23.05.2023 год.                                                       на Општина Центар-Скопје          

Скопје                                                                          м-р Горан Герасимовски

                                                                                   

Comments are closed.

Close Search Window