Општина Центар секоја година организира настан за доделување награди и пофалници за најдобрите вработени во предучилишно и училишно образование и награди за првенци на генерација од општинските основни училишта.
Овие награди традиционално се доделуваат по повод чествување на големите словенски просветители св. Кирил и Методиј, основоположници на словенската писменост и литература и нивните дејства за културниот развој на словенски народи.
На свечениот настан организиран во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, секретарот на Општина Центар, Георги Трајчев, ги додели годишните награди за наставниот и стручниот кадар од училиштата и годишните награди за сите учесници што посветено работат во згрижувањето, негата и воспитувањето на децата од предучилишна возраст. Општината ги награди и најдобрите ученици-полуматуранти што изминативе девет години успешно ја претставувале општината на државни и на меѓународни натпревари.
Годишните награди се дополнителен мотив за посветена и успешна работа во воспитно-образовниот процес и стимулирање на ученичкиот потенцијал во натамошното образование за постигнување нови успеси и признанија.
Наградите се доделуваат врз основа на претходно утврдени критериуми за вреднување на работата на вработените во детските градинки и во основните училишта во Општина Центар, а првенците на генерација ги избира самото општинско училиште. Најдобрите ученици се наградуваат со паричен износ од 15.000 денари, наградите за најдобрите одделенски и предметни наставници и стручни соработници се во висина од 20.000 денари, додека вработените во детските градинки се наградуваат со 30.000 денари.