Општина Центар го измени Правилникот за начинот, условите и критериумите за остварување право на бесплатни пакети за нега на возрасни лица во Општина Центар-Скопје односно за право на користење на проектот „Нега за стари лица во домашни услови“. Преку овој проект Општина Центар обезбедува вежби и совети од лиценцирани физиотерапевти, негуватели и социјални работници во домашни услови за пензионерите во Центар. Имено, измените се однесуваат на зголемување на висината на примањата односно социјалната помош или пензијата. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека корисници на проектот можат да станат лица кои примаат пензија или социјална помош до 35 000 денари месечно наместо до 30 000 денари како што беше досега.
„Со зголемувањето на висината на примањата на пензионерите создаваме услови за пријавување на повеќе заинтересирани пензионери кои услугите може да ги користат во домашни услови. Овој проект верувајте е навистина значаен за сите пензионери кои имаат потреба од нега или помош во одржување на домаќинството“, смета Герасимовски.
Корисници на проектот покрај граѓаните со полни 62 години, адреса на живеење во Општина Центар и примања до 35 000 денари можат да бидат и граѓани кои не остваруваат никаков приход. Тие ќе треба да достават Потврда од УЈП за остварени приходи во претходната година и истата да не надминува нето-приход од 420.000,00 денари годишно.
Сите заинтересирани граѓани доколку сакаат да бидат корисници на проектот најдоцна до 15ти секој месец може да доставуват барање до Архивата на Општина Центар. Потребно е да приложат фотокопија од лична карта, фотокопија од потврда за примена пензија и фотокопија од медицински документ за здравствената состојба не постар од една година. Додека уловите кои треба да ги исполнуваат корисниците се: лицето да е жител на Општина Центар, да е на возраст над 62 години, да е корисник на социјална помош или пензија и да нема други примања, висината на пензијата или социјална помош не смее да надминува 35 000 денари месечно, корисникот на пензија може да биде 1 член од семејството исклучок од ова може да биде само доколку се приложи извештај за специјална медицинска состојба за која е потребно вклучување на посебна нега и третман за второто лице.
Општина Центар им излегува во пресрет на сите граѓани во Општината олеснувајќи ја нивната старост и обезбедувајќи спокојни пензионерски денови.