Активности|

Секторот за инспекциски работи при Општина Центар бележи зголемен обем на работа и зголемен број на донесени записници, акти и барања за поведување на прекршочни постапки согласно програмата за работа. Според шест месечната анализа на Секторот во периодот од 01.01.2023 до 30.06.2023 година биле донесени 235 записници во кои спаѓаат редовните, вонредните и контролните надзори од страна на инспекторите наспроти истиот период минатата година кога тој број изнесувал 95 записници. Што значи дека за шест месеци Општина Центар има донесено 140 записници повеќе. Градоначалникот на општината Горан Герасимовски најави дека ќе продолжи спроведувањето на зачестените инспекциски контроли со цел почитување на законите и решавање на проблемите на граѓаните.

„Ветив чести инспекциски контроли во сите сегменти на локалната самоуправа за што сведочат и овие бројки од шестмесечниот извештај од Секторот за инспекциски работи. Колегите на терен ја евидентираа секоја неправилност која треба да се исправи од страна на прекршителите и тоа мора да важи за сите. Граѓаните заслужуваат правда и хумано живеење. Прекршувањето на законите важи за сите нас затоа во Општина Центар ќе настојувам тоа да се применува“, смета Герасимовски.

Според изготвениот извештај од Секторот за инспекциски работи во работата на комуналните редари изречени се 122 прекршочни платни налози наспроти „0“ изречени прекршочни платни налози за минатата година. Исто така од страна на инспекторите поднесени се и 69 барањата за поведување прекршочни постапки наспроти „0“ поведени прекршочни постапки за истиот период минатата година.  Има зголемување и во однос на донесени решенија од страна на инспекторите 81 наспроти 57 минатата година.

Во рамки на Секторот за инспекциски работи ангажирани се 1 комунален инспектор и 3 комунални редари, 1 градежен инспектор, 1 инспектор за домување и 1 инспектор за животна средина. Со овие ресурси и доброто менаџирање Секторот покажува високи резултати при евидентирање на неправилностите и постапување по истите.

Општина Центар известува дека засилените надзори и контроли ќе продолжат и во следниот период со цел граѓаните да внимаваат на пропишаните правила и законски одредби.

„Секој оној кој нема да ги почитува и ќе направи било какви отстапки ќе биде санкциониран“, дециден е Герасимовски.

Comments are closed.

Close Search Window