Врз основа на Програмата за образование на Општина Центар-Скопје за 2023 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр. 17/22 од 29.12.2022 год.), на 25.8.2023 година се објавува
Ј А В Е Н П О В И К
за ангажирање лични асистенти во
проектот „Образование за сите“
Се повикуваат сите заинтересирани лица што ги исполнуваат следниве услови да се пријават на Јавниот повик за ангажирање лични асистенти на ученици со посебни образовни потреби во проектот „Образование за сите“:
- минимум завршено средно образование;
- претходно искуство во работа со деца со посебни образовни потреби;
- долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над пет години);
- млади лица до 29 години;
- лица постари од 50 години;
- самохрани родители;
- родители на деца со попреченост.
Предност ќе имаат кандидатите што:
– имаат завршено високо образование: дипломиран наставник по предметна/одделенска настава, дипломиран психолог, дипломиран педагог, дипломиран дефектолог или дипломиран социјален работник;
– имаат искуство во работа како лични/образовни асистенти во претходните циклуси на проекти;
– поседуваат лиценца за личен асистент на лица со попреченост издадена од овластена институција.
- Начин на пријавување
Барањето за учество во проектот „Образование за сите“ (заедно со потребната придружна документација) може да се поднесе во Архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6, од 9 до 15 часот.
Потребни документи за учество во Јавниот повик се:
- Барање за учество во проект „Образование за сите“;
- Професионална кратка биографија;
- Потврда од Агенцијата за вработување (доколку кандидатот е невработено лице евидентирано во Агенцијата на Република Северна Македонија);
- Доказ за завршено образование (копија);
- Потврда за претходно работно искуство со лица со попреченост (доколку кандидатот поседува таква);
- Лиценца за личен асистент на лица со попреченост (доколку кандидатот поседува таква).
- Рок на пријавување
Јавниот повик ќе трае пет (5) работни дена од денот на неговото објавување. Јавниот повик е достапен на веб-страницата на Општина Центар-Скопје и на огласните табли на општинските основни училишта на територија на Општина Центар-Скопје.
- Други информации
Заинтересираните лица што ќе бидат вклучени во проектот „Образование за сите“ ќе бидат работно ангажирани како лични асистенти на ученици со посебни образовни потреби, вклучени во образовниот процес во основните училишта на територија на Општина Центар-Скопје, во учебната 2023/2024 година. Тие ќе имаат скратено работно време од дваесет (20) работни часа неделно, во период од девет (9) месеци, почнувајќи од 15 септември 2023 година до крајот на учебната 2023/2024 година.
За кандидатите што ќе бидат избрани и вклучени во проектот „Образование за сите“ се предвидува паричен надоместок во висина од 12.000,00 денари (нето-износ), со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест.
Другите услови, права и обврски ќе бидат уредени со склучување Договор помеѓу Oпштина Центар-Скопје и ангажираните лица.