Проекти|

По повод Меѓународниот ден на старите лица кој се одбележува на 1 Октомври, Општина Центар ги потсетува пензионерите кои имаат потреба од проектот „Нега за стари лица во домашни услови“ дека можат да аплицираат до секој 15ти во месецот. Преку овој проект Општина Центар обезбедува вежби и совети од лиценцирани физиотерапевти, негуватели и социјални работници во домашни услови за пензионерите во Центар. Мерката ги опфаќа лицата со полни 62 години без приходи или со примања до 35 000 денари. Мерката опфаќа 90 корисници, но во моментот ја користат 78, поради што Општина Центар ги повикува повозрасните кои имаат потреба од овој проект да аплицираат во општината.

 

„Највозрасните наши сограѓани секојдневно се соочуваат со бројни предизвици како неможност да ги извршат секојдневните активности во домот поради возраст, неподвижност или болест. Поради влошена здравствена состојба дел од пензионерите и немаат асистенција при посета на лекар, немаат помош и поддршка при снабдување на основните прехрамбени намирници и немаат средства за ангажирање на негувател во домашни услови. Затоа Општина Центар ја прошири мерката со цел да опфати поголем број на пензионери со цел да им ги олесни пензионерските денови на нашите баби и дедовци “, изјави Герасимовски.

 

Право на апликација имаат сите лица кои се над 62 години и се жители на општината, со поднесување на фотокопија од лична карта, фотокопија од потврда за примена пензија и фотокопија од медицински документ за здравствената состојба.

Општина Центар им излегува во пресрет на сите граѓани во Општината олеснувајќи ја нивната старост и обезбедувајќи спокојни пензионерски денови.

 

Comments are closed.

Close Search Window