Образование|

По повод 45 години од основањето на објектот „Парк“ дел од градинката „13 Ноември“, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски заедно со претседателот на Владата Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска ја посетија градинката каде неодамна беа извршени реконструктивни зафати. Станува збор за молерисување на сите простории во градинката, набавка на нови детски шкафчиња, масички, столчина и друг детски мебел во сите осум занимални. Дечињата кои ја посетуваат градинката градинката „13 Ноември“ објектот Парк добија и нови играчки и едукативен дидактички материјал. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски при денешната посета истакна дека континуираното вложување во предучилишните установи го подобрува квалитетот на воспитно образовниот процес кај децата.

 

„Мило ми е што и Владата ја препознава заложбата која континуирано ја дава Општина Центар за унапредување на предучилишното воспитание и образование. Инвестирањето во квалитетното целокупно образование не зависи само од квалитетниот кадар туку и во какви услови престојуваат децата. Со оваа инвестиција градинката доби комплетно нови занимални, најпрво беше иструган и излакиран паркетот во целата градинка, потоа целата градинка беше молерисана по што сите занимални добија нов детски мебел, детски шкафчиња, масички со столчиња како и нови играчки и дидактички материјал за најмалите. Верувам дека новите услови за престој ќе ги израдуваат дечињата, а новите играчки и книгички и сликовници ќе ги поттикнат да бидат креативни во новите игри развивајќи ја фината моторика, говорот и дружбата“, порача Герасимовски.

 

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски истакна дека создавањето на поволна клима за децата во градинките е влог во подобар живот на нашите деца.

 

„За нив креираме, за нив создаваме, за нив градиме за да имаат посреќно детство посреќна иднина и за да имаат подобри услови за образование, другарување и подобри услови за живот. Денес сме овде во објектот „Парк“ којшто е дел од градинката „13 Ноември“ во Скопје во знак на одбележување на Детската недела. Тука сме заедно со децата за да го подигнеме нивото за свесност за правата на децата и за тоа колку е важно да создадеме поволна клима каде што децата ќе можат да се развиваат во самостојни и силни личности и утре ќе бидат столбот на нашата држава. Затоа радува фактот што децата во оваа градинка ќе учат во нови реновирани услови. Ќе пишуваат и цртаат на нови масички и ќе си играат со нови играчки и едукативен материјал“, рече Ковачевски.

 

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска пак истакна дека добрите услови за престој во градинката не само што се прифатени од децата туку и од родителите и за тоа збори бројката на запишани деца во оваа предучилишна институција. Таа исто така рече дека за поздрав е тоа што во Општина Центар нема листа на чекање за упис на нови деца и тоа треба да биде така во сите општини.

 

„Грижата за децата и вложувањето во детската заштита и раниот детски развој се наш приоритет. Секој влог во најмладите е влог во иднината на државата. Навистина ми е мило што денес токму во духот на детската недела имавме прилика да се увериме во одличните услови во кои престојуваат децата во објектот „Парк“ во Општина Центар. Ова е пример за вистинска грижа за децата во предучилишното образование“, изјави Тренчевска.

 

Општина Центар работи интензивно со цел да овозможи услови за престој на децата според најсовремените стандарди во сите детски градинки во општината. Претходно општината изврши целосна реконструкција на фасадата и покривот и во објектот Јасмин.

 

Comments are closed.

Close Search Window