Образование|

Центар за талентирани ученици се отвора денеска во ОУ „ Димитар Миладинов“ во Општина Центар. Станува збор за меѓуопштинска соработка меѓу Општина Центар, Карпош и Кисела Вода.  Центарот располага со површина од 120м2, и вклучува три посебни простории и тоалет, опрема за планетариум и физика, био-хемиска лабораторија и лабораторија за уметности. Просторот е со посебен влез, физички одвоен од влезот во училиштето. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски истакна дека оваа меѓуопштинска соработка може да биде корисна и перспективна за талентираните ученици од сите три општини.

 

„Центарот за работа со талентирани ученици е идеја која подолго време ја чека своја реализација во Општина Центар. И навистина ме радува што оваа меѓуопштинска соработка, оваа активност може да биде навистина корисна и перспективна за талентираните ученици од сите три општини. Мене ми е навистина мило што Општина Центар и општините Карпош и Кисела Вода се водечки општини во формирање на ваков Центар, односно катче за нашите талентирани ученици да го развиваат и надградуваат својот талент. Верувам дека овде учениците ќе поминуваат убаво и квалитетно време, ќе се градат и развиваат и достојно ќе ги претставуваат нашите општини и државата на меѓународните натпревари. Ви посакувам убава дружба, личен развој и успешни кариери“, им порача Герасимовски на учениците.

 

Овој Центар за талентирани ученици е прв центар во главниот град и има исклучително значење за талентираните ученици, кои немаат катче, каде можат својот талент, знаење и способности да ги развиваат и усовршуваат. Во ова катче учениците ќе работат со своите наставници, трошоците за редовните комуналии за просторот (вода и интернет), струјата и парното ќе ги подмирува училиштето, а материјалните трошоци ќе ги покриваат сите три општини заедно. Центарот за талентирани ученици ќе влезе и во креирањето на општинските буџети со цел талентираните ученици да го градат и развиваат својот талент и во наредните години. Општина Центар исто така обезбедува и одговорно лице кое ќе се грижи за Центарот за истиот да им служи уште долги години на учениците кои поседуваат одреден талент.

Comments are closed.

Close Search Window