Активности|

Советот на Општина Центар, на предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, донесе одлука за измена и прецизирање на регулативата за обезбедување реални паркинг места во новопроектирани објекти. Со оваа измена, бројот на механизираните паркинг системи се сведува на минимум, со цел да се сузбијат злоупотребите евидентирани на терен.

Согласно измените на одлуката, најмалку 90 проценти од потребниот број  паркинг места во новопроектираните  објекти во рамки на градежна парцела мора да бидат обезбедени без употреба на механизирани паркинг системи, таканаречени ,,клацкалки’’.

Истото важи за објекти во кои се предвидува заедничко подземно паркирање во повеќе нивоа. Со ова драстично ќе се намали процентот на механизирани паркинг системи.

,,Го намалуваме бројот на непопуларните клацкалки. Со нив во пракса се манипулира. Тие само фиктивно се прикажуваат, а потоа не се изведуваат, затоа ги заоструваме регулативите. Инвеститорите мора да обезбедат реални паркинг места за секое домаќинство во станбените објекти што ги градат. Јавниот интерес мора да биде заштитен’’, истакна Герасимовски.

Механизирани паркинг системи, таканаречените ,,клацкалки’’, се машински потпомогнати системи за паркирање на возила во два нивоа (едно возило горе-едно возило доле) на површина која е наменета за само едно возило, а притоа не претставува градежна структура.

Comments are closed.

Close Search Window