Градинката Пролет, го доби финалниот изглед. Денеска градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски направи увид го градежните работи на градинката која треба да згрижи нови 150 дечиња од населбите Пролет и Маџир Маало.
„Градежните зафати во градинката Пролет течат одлично. Фасадата која е енергетски ефикасна е веќе завршена и периодов се работи на внатрешноста. Преградните ѕидови се исто така речиси завршени и наскоро ќе почне да се работи на подовите. При крај е и изведувањето на електричната и водоводната инсталација. Иако Општина Центар нема листи на чекање за упис на дечиња во градинките, изградбата на оваа градинката ќе го намали притисокот во околните градинки но и ќе го реши проблемот на многу родители од овој реон од Пролет и Маџир Маало кои своите деца сега ги носат во градинките во другите населби. Ова што исто така е значајно што градинката ќе располага со најсовремени безбедносни системи за противпожарна заштита“, изјави Герасимовски.
Градинката “Пролет” е прва градинка која се гради во Општина Центар по цели 50 години и е целосно финансирана од општинскиот буџет. Новата градинка се простира на површина од 3.276 метри квадратни и ќе биде најголема детска градинка во државата со надворешно игралиште до кое ќе можат да пристапат и деца со попреченост во движењето.
Градинката ќе може да згрижи 150 дечиња на две нивоа и ќе има лифт за лица со инвалидитет и попреченост во движењето, просторија за лекар и изолација за дете, сопствена кујна наменета само за потребите на децата, посебен лифт за достава на храна по хасап систем, сплинкери за противпожарна заштита со водна завеса во неколку простории и против пожарни врати во занималните и посебните делови на објектот. Градинката поседува и подземен паркинг за вработените и родителите на децата.
Општина Центар работи на инклузивноста во образованието и најсовремените и квалитетни услови за престој на децата и идните генерации.