Култура|

Општина Центар во соработка со Игор Џамбазов го организира настанот „За Маестрото“, по повод одбележување на роденденот на нашиот композитор и диригент, Александар Џамбазов.

На настанот ќе се промовира новиот мурал во Дебар Маало и ќе се слави творечкиот опус и ликот на Маестро Џамбазов, кој беше познат во јавноста како иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот Златно славејче и автор на голем број детски песни.

Токму неговите песни ќе бидат изведени од поранешните „Златни славејчиња“ и „Развигорчиња“ под водство на Запро Запров, во придружба на неговиот син, Игор Џамбазов, пијанистката Марија Ѓошевска и виолинистот Теодор Трајковски.

На самиот настан ќе биде промовирана и книгата „Чичко маестро Џамбаз-во светот на децата“ од авторката Бранка Костиќ-Марковиќ

Муралот е дело на уметниците Драш и Мачка кои направија фантастично дело, едно ново уметничко обележје во Центар, што предизвика голем интерес во јавноста. Ова е позитивен пример како во Општина Центар ја промовира уличната уметност, на кој начин ги разубавува фасадите и како ги мотивира младите уметници да творат и да остават белег на едно време.

Настанот ќе се одржи во сабота на 3 февруари во 12 часот, пред Муралот во Дебар Маало кој е лоциран наспроти паркот на Горан Стефановски, од страната на улица „Мирослав Крлежа“.

Други мурали во Општина Центар се: муралот во чест на Горан Стефановски на фасадата на ООУ „Коле Неделковски“, каде што секоја година Општината го одбележува роденденот нан драмскиот писател на 27 април со културна програма. Потоа, муралот на фасадата на ООУ „Димитар Миладинов“, инспириран од 60-годишнината од скопскиот земјотрес, муралот во Капиштец, во чест на трагично загинатиот млад живот Лука Кртов, наш ученик од ООУ „Киро Глигоров“ и муралите на фасадата на КСП – Центар Јадро, каде што секоја година  Општина Центар дава шанса на млади уметници да аплицираат со свои идејни решенија на отворен конкурс.

Comments are closed.

Close Search Window