Општина Центар-Скопје распишува конкурс на тема „Учиме да рециклираме – заедно креираме“ за избор на најдобрo уредено училиште (училница или хол) со рециклирани материјали.
I ЦЕЛ НА НАТПРЕВАРОТ
Цел на натпреварот е да се подигне свеста на учениците, родителите и наставниот кадар за важноста на животната средина. Рециклирањето претставува модел за заштита на нашето опкружување и како процес може да се претстави во креативно осмислување и уредување на внатрешен училиштен простор, одредена училница или хол.
II ПРАВО НА УЧЕСТВО И КРИТЕРИУМИ
Право на учество на конкурсот имаат учениците од I до IX одделение, нивните родители и наставниот кадар од сите основни училишта на територија на Општина Центар-Скопје, при што задолжително е почитување на следниве критериуми:
- На конкурсот може да се пријават само основните училишта од територијата на Општина Центар-Скопје.
- За реализирање на наведената тема задолжително е користење на предмети, украси и разни реквизити што се направени исклучително од рециклирани материјали.
- Творбите мора да бидат оригинални и претходно училиштето да не учествувало на други натпревари со нив.
III РОК ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ
Пријава за учество на конкурсот и фотографии од уредениот простор треба да се достават до Архивата на Општина Центар-Скопје (барака 6) ул. „Михаил Цоков“ бр. 1 Скопје, од 9:00 до 15:00 часот, со назнака: До Сектор за јавни дејности – За награден конкурс „Учиме да рециклираме – заедно креираме“. Заинтересираните може да се пријавуваат на конкурсот од 1.2.2024 година до 15.3.2024 година.
На секоја творба ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да се наведат податоци за учесникот (училиште, одделение, ментори).
IV ИЗБОР
Доставените пријави за конкурсот ќе ги разгледува Комисија формирана од Градоначалникот на Општина Центар-Скопје. Комисијата, составена од претставници на јавната администрација од соодветните сектори и членови на Советот на Општината, ќе изврши увид и избор на најкреативната училница или хол во кои максимум се почитувани наведените критериуми.
V СРЕДСТВА И НАГРАДИ
Во Програмата за образование за 2024 година предвидени се финансиски средства од Буџетот на Општина Центар-Скопје со кои Општината ќе обезбеди парична награда за училиштата што ќе освојат прво, второ и трето место на конкурсот.
Наградите ќе бидат доделени во март 2024 година.