Совет|

На денешната 33. седница, Советот на Општина Центар  даде зелено светло за Деталниот урбанистички план Градска четврт Ј 21- локалитет Геолошки завод и локалитет Клинички блок, со 13 гласа за, 3 воздржани и ниеден против.

Усвоениот ДУП предвидува повеќе зеленило, паркови од кои еден целосно нов, значително проширување на пристапните и внатрешните улиците со тротоари, детска градинка и 600 нови паркинг места за посетителите на Клинички центар.

Новиот локален парк е планиран на површина од 1013 m2, во рамки на блокот 3, поточно позади Кам маркет.

Дел од слободните локации во државна сопственост се искористени за заштитно зеленило и мали паркчиња. . Вкупната површина под заштитно зеленило во рамки на опфатот изнесува 1554 м², а под паркови 3950 м².

,,Ги потсетувам советниците  дека овој ДУП се носи девет години. Голем број граѓани, вклучувајќи ги и министерствата  веќе долго време чекаа да се донесе истиот. Вложено е многу енергија од  нашиот Сектор за урбанизам. Верувам дека направивме убав простор што ќе биде од големо значење за граѓаните, кои толку години чекаа да се донесе овој ДУП“ истакна градоначалникот Герасимовски по презентирањето на деталниот урбанистички план пред советниците.

Со овој дуп на место на старите бараки на Министерството за одбрана, предвидена е градинка со вкупна површина за градба од 1986 м2, со можност за приземје и кат и со капацитет за прием на шеесетина деца.  Ова е прва градинка што некогаш е испланирана на овој опфат.

Дупот предвидува  уредување и проширување на тротоарите на пристапните и станбените улици со што се овозможува непречен и безбеден проток на пешаци.

Во рамки на опфатот на Клинички центар предвидена e катна гаража со капацитет за 495 возила , плус деведесетина  рамномерно распоредени паркинг-места, со што вкупната бројка изнесува 600 места за паркирање , кои не се наменети за конкретни парцели, туку за посетителите на Клинички.

Дополнително, предвидено е јавно паркиралиште со 56 паркинг места во рамки на делот од локалитетот Геолошки завод.

Планот е усогласен со ГУП на Град Скопје 2012-2022, како и со ажурирани катастарски подлоги,  со што се олеснува понатамошното спроведување на планската документација.

На продолжение на 19. седница на Советот на Општина Центар беше повторно ставена точката за ДУП-от Маџир Маало, Градска четврт И 05. За истиот беше изгласана Одлука за недонесување.

Comments are closed.

Close Search Window