Општина Центар и оваа година додели 12 награди и пофалници за најдобрите воспитувачки, негувателки, стручни соработници и помошно-технички персонал од детските градинки.
,,Професионалниот, посветен и мотивиран кадар е од голема важност во процесот на воспитувањето, негата, квалитетното згрижување и образување на нашите најмали.
Раното детство е клучно за севкупниот развој на личноста. Затоа е од витална важност персоналот што работи во предучилишните установи да биде на ниво на задачата, а децата да се развиваат, растат и учат во средина што е стимулативна и безбедна. Само така ќе им обезбедиме успешен старт во животот.
Како Општина ќе продолжиме да ве поттикнуваме и мотивираме во таа благородна мисија“, истакна градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, честитајќи им на вработените за добиените награди.
Наградите во износ од 30.000,00 денари се доделени, согласно општинската Програма за здравствена, социјална заштита и заштита на децата, а врз основа на претходно утврдените критериуми за вреднување на работата на вработените во детските градинки во Општина Центар.
Настанот се одржа во матичниот објект на ЈУДГ „13 Ноември“, а беше организирана и детска ликовна изложба, при што за најдобрите трудови беа доделени пофалници.
Општина Центар секоја година доделува парични награди и благодарници за вработените во градинките што се истакнале во својата дејност, со цел дополнително да ги мотивираме сите оние што директно или индиректно придонесуваат во работата со деца.