Проекти|

Општина Центар започна со темелна реконструкција на спортската сала во ООУ „Кочо Рацин“, а во тек е и реновирање на 4 училници и 2 санитарни јазли во училиштето.
Во салата со површина од 800 метри квадратни се поставува нов квалитетен паркет, поставено е ново осветлување, оштетените ѕидови се глетувани и варосани, со што целиот простор доби поубав и почист лик. Се реновираат соблекувалните и се ставаат нови кабинетски вратички. Старите спортски реквизити ќе бидат санирани или заменети, ќе се постават нови справи за вежбање, а веќе се монтирани и нови кошеви.

„Со оваа динамика реконструкцијата ќе ја завршиме пред стартот на новата учебна година. Во септември учениците ќе добијат модерна и современа спортска сала. Ова ќе биде одличен простор за квалитетна настава по физичко образование и воннаставни спортски активности, место каде децата правилно ќе се развиваат, ќе научат тимски да се однесуваат и правилно да ја канализираат својата енергија”, рече градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, кој изврши увид во училиштето каде активно се работи на реновирањето.

Во тек е и поставување на нова инсталација, плочки и санитарии во делот каде се реновираат училниците и тоалетите.
За реконструкциите во ова училиште одвоени се околу 5 милиони денари.
Во текот на летово ќе започне и санација на спортската сала и санитарните јазли во ООУ „Гоце Делчев“, а ќе се реновира и салата во „11 Октомври“.
Покрај реконструкцијата на училиштните спортски сали, Општина Центар на почетокот на новата учебна година ќе ги пушти во употреба и дополнителните капацитети во ООУ „Коле Неделковски“, што се во финална фаза на градба.

Се работи за доградба на 6 нови училници, од кои 4 за настава, 2 кабинети, една библиотека и една просторија за администрација.
Ќе има и лифт за лица со попреченост, тоалет во долниот кат и пристапна рампа.
Општина Центар продолжува да инвестира во образованието и инклузивноста во образовниот процес.

Comments are closed.

Close Search Window