Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска се сретна со амбасадорот на Република Туркије во Република Северна Македонија, Н.Е. Фатих Улусој. Ова е прва официјална посета на амбасадорот Улусој на општината. Тој беше придружуван од неколку претставници на амбасадата, како и координаторот на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), Мехмет Бајрак и Ариф Конак, координатор на Турскиот културен центар „Јунус Емре“.
На работната средба, Герасимовски и гостите од Туркије презентираа голем број на конкретни проекти, во доменот на образованието и на културата, преку кои може да се продлабочува соработката и да се воспоставуваат нови канали за промоција на двете земји.
Во фокус на разговорот помеѓу Герасимовски и амбасадорот Улусој беше потенцијалот за идна соработка во културата и културната размена преку која најдобро може да се доближат традиционално пријателските односи.
На ниво на соработка помеѓу локаните власти, Герасимовски и Улусој разговараа и за начините на кои може да се продлабочи соработката помеѓу Општина Центар и збратимените општини од Република Туркије, Ејуп и Бејоглу од Истанбул и Чанкаја од Анкара. Герасимовски го информираше Улусој за посетата на претставници од општината Чанкаја на Општина Центар и изрази надеж дека наскоро претставници на општината ќе ги посетат своите колеги во Туркије со цел да разменат искуства и да се стекнат со нови знаења.
„Ми претставува чест и задоволство што нашите добри односи ги применуваме и на локално ниво и што оваа средба е повод за уште подобро да се запознаеме со заедничките проекти и со традицијата на нашите пријатели од турската заедница во Општина Центар кои се многу активни и почитувани наши сограѓани“, рече Герасимовски на состанокот.
Покрај активности помеѓу збратимените општини, Герасимовски го информираше турскиот амбасадор Улусој и за соработката помеѓу училиштето „Гоце Делчев“ и „Султантепе – Ускудар“ од Истанбул.
Герасимовски и координаторот на ТИКА, Мехмет Бајрак, пак, разговараа за поддршката што Агенцијата може да ја даде на Општина Центар за развој на капитални проекти во образованието.
Северна Македонија и Туркије имаат долготрајна традиција на силни билатерални односи и оваа средба ја потврдува посветеноста на Општина Центар за понатамошно зајакнување на ова партнерство, со посебен фокус на зајакнување на локалната самоуправа и негување поблиски врски и на локално ниво.