Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски денеска одржа средба со амбасадорот на Казахстан во Северна Македонија, Н.Е. Сатибалди Буршаков. За време на состанокот, Герасимовски и амбасадорот Буршаков, кој само неколку месеци е во земјава, разговараа за потенцијалните можности за соработка.
Како новоформирана, Амбасадата на Казахстан ќе ги отвори можностите за поблиското запознавање со начинот на функционирање на двете земји и на градските општини што ќе придонесе да се истражат начините за заедничка соработка.
„Зацврстувањето на дипломатските односи со Казахстан значи подобрување на соработка на државно ниво, но и можности за реализација на заеднички проекти и на локално ниво“, истакна Герасимовски на средбата.
Градоначалникот и амбасадорот разговараа и за можностите за збратимување на Општина Центар со општини од казахстанските градови. Ваквата соработка, потенцираа соговорниците, ќе ги зближи двете земји и ќе придонесе за подобра промоција и запознавање на граѓаните со културата и традицијата што тие ги негуваат. Покрај тоа, Герасимовски и Буршаков, разговараа и за потенцијалите за економска соработка.
Герасимовски и Буршаков по завршување на средбата разменија и протоколарни подароци за добредојде.