Улицата „Елисие Поповски“ во скопската населба Капиштец ќе биде реконструирана. Работите ќе ги изведува Општина Центар во рамки на своите надлежности и годишен план за реконструкција и реализација на капитални инфраструктурни проекти.
Во рамки на договорот што градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски го склучи за реконструкција на „Елисие Поповски“ предвидено е вадење на стариот и поставување на целосно нов асфалт на површина од 4.822 m2, понатаму подигнување и нивелирање на постојните шахти како и поставување на нови рабници.
Вредноста на договорот за реконструкција изнесува 11 милиони денари.
Со реконструкцијата ќе се овозможи намалување на сообраќајниот метеж и подобрување на севкупната сообраќајна безбедност за возилата, пешаците и за велосипедистите. Покрај тоа, со реконструкцијата ќе се овозможи и подобар и побрз пристап до клиничкиот центар „Мајка Тереза“ преку оваа улица.
Покрај улицата „Елисие Поповски“, во буџетот за 2024 година, општината има предвидено средства и за реконструкција на улиците „Дебарца”, „Светозар Марковиќ” и улицата „Блаже Тодоровски” која е во завршна фаза.