Помош во ресурси и поддршка за справување со пожарите што беснеат на територијата на целата држава беа темите на денешниот итен координативен состанок на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и општинскиот Штаб за заштита и спасување одржан заедно со претставник на Центарот за управување со кризи.
Општина Центар и градоначалникот Герасимовски активно ќе се вклучат со своите расположливи капацитети за одговор на катастрофата.
На координативниот состанок беше нагласено дека состојбата на терен е алармантна, за што Општина Центар во насока на ублажување на последиците и помош за спасувачките екипи и доброволците на терен ќе обезбеди помош преку донации на вода и освежителни пијалаци.
„Општина Центар веднаш стапи во контакт со неколку општествено одговорни компании кои веднаш понудија помош во вода и пијалаци и нивен транспорт до местата каде што се наоѓаат екипите кои интервенираат на пожарите“, истакна Герасимовски на состанокот.
Општина Центар упатува апел до сите граѓани совесно и одговорно да се однесуваат во природа и за време на претстојните празници, за кои нè очекува исто така многу топло време, да избегнуваат правење на скара и палење на оган на отворено.