Активности|

Учебната година во ООУ „Коле Неделковски“ започна со нов дограден дел на училиштето кој вклучува четири пространи и осветлени училници, два кабинети, една библиотека, лифт, тоалет и пристапна рампа за полесен пристап за влез за учениците со посебни потреби. Ова е прва доградба која Општина Центар ја прави по цели 66 години.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска на првиот училиштен ден го отвори новото крило во училиштето заедно со првачињата кои ќе ја следат наставата во овие проширени капацитети. Герасимовски на отворањето порача дека со отворањето на новото крило учениците добиваат нови училници направени по сите светски стандарди за модерно образование.

„Денеска, со големо задоволство можам да објавам дека го исполнивме ветувањето кое го дадовме пред една година. Денес сме сведоци на историски момент за нашето училиште и нашата заедница. По цели 66 години, првпат се врши значително проширување на капацитетите на нашето училиште. Ова не е само зграда или инфраструктура, туку вложување во иднината на нашите деца. Со оваа доградба, училиштето доби четири нови училници, два кабинета за психолог и педагог, како и нова библиотека. Особено сме горди што просториите се целосно инклузивни, со лифт за учениците со потешкотии во движењето, специјализиран тоалет за ученици со посебни потреби и пристапна рампа за полесен пристап до училиштето. Нашата цел е сите ученици да се чувствуваат прифатени, поддржани и охрабрени да го достигнат својот целосен потенцијал. Овие подобрувања се дел од нашата заложба за создавање на инклузивна средина во која сите деца имаат еднакви можности за успех и напредок. Оваа инвестиција е направена со највисоки стандарди за енергетска ефикасност и квалитет. Фасадата е енергетски ефикасна, скалишното јадро е изработено од природен гранит, а подовите во ходниците се од терацо. Училниците се опремени со дабов паркет, клима уреди, и подни инсталации за смарт табли и компјутери, што ги прави модерни и функционални“, истакна Герасимовски.

Инвестицијата, вредна околу 43 милиони денари, е целосно финансирана од општинскиот буџет. Општина Центар продолжува да инвестира во инклузивно образование и квалитетна настава за учениците.

Линк до видео изјава и инсерти од градоначалникот Герасимовски

https://we.tl/t-3RrD6i7New

Comments are closed.

Close Search Window