Врз основа на член 50 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/02), а во врска со точка 2 од Програмата за образование за 2024 година („Службен гласник на Општина Центар-Скопје“ бр. 18/23), градоначалникот на Општина Центар-Скопје објавува
О Г Л А С
за доделување стипендии на талентирани ученици од областа на науки, техника и посебни вештини од општинските основни училишта на територијата на Општина Центар-Скопје за учебната 2024/2025 година
Општина Центар-Скопје доделува стипендии за талентирани ученици од VIII и од IX одделение од општинските основни училишта на територијата на Општина Центар-Скопје.
I Услови за доделување стипендија
Кандидатите треба да ги исполнуваат следниве услови:
- да се редовни ученици во VIII и во IX одделение во општинските основни училишта на подрачјето на Општина Центар-Скопје;
- да оствариле континуиран успех одличен (5,00) во текот на школувањето во VI, VII и во VIII одделение
II Критериуми за доделување стипендија
Освоени награди од областа на науки, техника и посебни вештини во последните три учебни години, односно ќе се вреднува успехот постигнат од 1.9.2021 година:
- прво место градски (општински) натпревар (0,5 бода);
- прво место регионален натпревар (1 бод);
- прво или второ место на државен натпревар (2 бода или 1,5 бода);
- прво или второ место на меѓународен натпревар (3 бода или 2,5 бода);
- добитник на Годишната награда на Општина Центар-Феникс (1 бод);
- се вреднува само индивидуалниот успех на ученикот;
- право на разгледување имаат само дипломи од здруженија, организации, друштва, асоцијации и сл. акредитирани од МОН.
III Потребни документи
Со барањето кандидатот треба да достави:
- потврда од училиштето дека е редовен ученик;
- биографија;
- контакт телефон на родител-старател;
- фотокопии од свидетелствата од VI до VIII одделение;
- фотокопии од дипломи од освоени награди на натпревари од областа на науки, техника и посебни вештини од VI до VIII одделение, односно ќе се вреднува успехот постигнат од 1.9.2021 година.
IV Висина на стипендијата и рангирање
– Стипендијата изнесува 3.000,00 денари и 3.500,00 денари месечно, осум месеци во текот на учебната година;
– За освоени од два (2) до пет (5) бода стипендијата изнесува 3.000,00 денари;
– За освоени повеќе од пет (5) бода стипендијата изнесува 3.500,00 денари.
V Начин на пријавување
Документите треба да се доставуваат до Архивата на Општина Центар-Скопје или по пошта на ул. „Михаил Цоков“ бр. 1, Скопје со назнака „За доделување стипендии на талентирани ученици од областа на науки, техника и посебни вештини од општинските основни училишта на подрачјето на Општина Центар“.
Пријавите ги разгледува и по нив одлучува општинската комисија формирана за овој Оглас.
VI Рок за поднесување документи
Краен рок за поднесување документи е 24.9.2024 година.
Нема да се разгледуваат документите што не се комплетни и оние што не се доставени навреме.
- Секој заинтересиран ученик може да поднесе документи само на еден (1) оглас – култура, науки, техника и посебни вештини или спорт. Доколку поднесе во различни категории, документите нема да се разгледуваат.
- Комисијата го вреднува успехот постигнат во последните три учебни години, односно се вреднува успехот постигнат од 1.9.2021 година.
VII Решенија за стипендии според одлука на Комисијата
Општина Центар-Скопје има цел од секое училиште да се избере најмалку еден ученик, иден стипендист, кој во наведениот период постигнал одредени резултати и ги исполнува условите. Во согласност со одлуката на Комисијата за спроведување постапка за доделување стипендии, градоначалникот донесува решенија. Доколку од некое училиште нема ученик што целосно ги исполнува критериумите и условите, Комисијата избира ученик што покажал највисоки резултати на одредени натпреварувања и својата одлука за тоа му ја доставува на градоначалникот за донесување решение.