Активности, Буџетски форум|

Општина Центар на располагање става електронски Анкетен прашалник преку кој ги вклучува граѓаните во креирање на Буџетот за 2025 година. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски повикува граѓаните да даваат предлози за потребите во нивните маала.

„Ги повикувам сите граѓани да ја искористат алатката Анкетен прашалник и сериозно да се вклучат во креирање на буџетот за следната 2025 година. Вие сте најголемиот коректор и вашите барања се најзначајни. Јас сум овде да ги проследам сите ваши предлози, а заедно со секторите да ги оцениме приоритетните кои веднаш ќе влезат во програмите“, појаснува Герасимовски.

Електронскиот анкетен прашалник на граѓаните им дава можност да предлагаат проекти од областа на образованието, социјална, детска и здравствена заштита, културата, спортот и рекреацијата, локален економски развој, урбано планирање, комунални дејности, животна средина, јавни работи и реконструкција и санација на училиштата.

Тоа значи дека Општина Центар овозможува директно учество во подготовка на програмите за работа на буџетот за следната 2025 година.

Анкетниот прашалник е поставен на веб страната на општината https://www.centar.gov.mk/?page_id=22981 и преку него граѓаните може да наведат проекти кои сметаат дека ќе донесат бенефит за жителите.

Општина Центар продолжува да ги повикува сите граѓани подеднакво да учествуваат во креирањето на локалните политики.

 

Comments are closed.

Close Search Window