Во присуство на градоначалникот Горан Герасимовски, во ООУ „Кочо Рацин“ беа пуштени во употреба целосно реновираните кабинети за физика, хемија, германски јазик, музичко и ликовно образование. Овој проект, финансиран од Министерството за образование и наука, вклучува целосна реконструкција на најстариот дел од училиштето. Обновени се подовите, електричните и водоводните инсталации, како и плафоните и ѕидовите.
Поставени се смарт табли, реновирани се тоалетите, а наставниците добија нови простории за работа.
,,Со последните реконструкции училиштето доби модерен и инклузивен лик. Да потсетам дека учебната година ја започнавме со целосно реновирана фискултурна сала, со нов висококвалитетен паркет, санирани реквизити, нови кошови. Целата реконструкција не чинеше 5 милиони денари од општинскиот буџет, а поставена е и пристапна рампа пред училиштето за ученици со попреченост”, истакна Герасимовски, по повод благодарницата која му ја додели директораката на училиштето Гордана Јаневска во чест на сето она што општината го има овозможено за училиштето.
Дополнително, ООУ „Кочо Рацин“ деновиве е домаќин на збратименото училиште „Вук Караџиќ“ од Белград, Србија. Посетата вклучува заеднички активности од двете училишта – спортски игри, културни настани и дружби.
Учениците ќе имаат можност да се запознаат со културните и образовните разлики, а наставниците ќе ги разменат своите методи и пристапи за ефикасен наставен процес.
Оваа иницијатива е важен чекор за зајакнување на меѓусебната соработка и изградба на нови пријателства и контакти помеѓу младите генерации.