Денеска, на настан во присуство на Амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов и директорката на ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје, Маја Ангеловa, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ го претстави изгледот на новата фасада на едно од најстарите основни училишта на територијата на Општина Центар.
Обновата на фасадата и претстојната обнова на фасадната столарија на ОУ „Димитар Миладинов“ е финансирана со средства од грантот кој Општина Центар го доби од Амбасадата на Република Бугарија во висина од 130.000 евра и иста сума на средства кои општината ги издвои од буџетот за оваа намена.
“Со средства од општинскиот буџет и благодарение на грантот на Амбасадата на Бугарија ја затворивме финансиската конструкција за овој проект. Направивме замена на постоечката со нова и енергетски ефикасна фасада. Годинава ќе следи и обнова на целата фасадна столарија, вратите и прозорците во училиштето. Со тоа ќе ја комплетираме реконструкцијата на едно од основните училишта со најдолга традиција на територијата на Општина Центар, на кое, за прв пат од неговата изградба во 1954-та година, се прават вакви интервенции. Освен придобивките од аспект на енергетска ефикасност, новата фасада со својот колоритен и атипичен изглед, ќе го разубави централното градско подрачје и престојот на учениците“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
“Денеска завршивме еден од проектите кои Владата на Република Бугарија ги прави на територијата на Република Северна Македонија. Горди сме и благодарни на Општина Центар и на директорката на училиштето за тоа што успеавме да реализираме еден ваков проект. Реконструкцијата на фасадата ќе ја зголеми енергетската ефикасност за 18,4%, што претставува и начин за справување со загадувањето во Скопје. Притоа, новиот изглед на училиштето ќе придонесе кон разубавување на градот и на општината“, изјави Амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов.
Фасадата на училиштето е со висока енергетска ефикасност, со што се обезбедува подобра топлотна изолација, заштеда на електричната енергија и намалување на сметките за струја до 30% во зимските месеци. Досегашниот еднобоен изглед на фасадата е заменет со колоритни графити и мурали кои ги изработија реномираните стрит арт уметници, Миро Грчев и Младен Трендевски, чии дела, од неодмна се дел и од галеријата на графти и мурали „Градот убав“ во Градскиот Трговски Центар.
“Токму на 65 годишнината од постоењето, нашето училиште добива комплетно нов изглед. Новата фасада има функционална, но и своја урбана димензија, каква што доликува на едно училиште со повеќе од шест децениска традиција. Упатувам благодарност до Општина Центар и Амбасадата на Бугарија за реализацијата на овој проект. Верувам дека нашите ученици и персоналот ќе бидат горди на своето училиште и со задоволство ќе ја следат наставата“, изјави Маја Ангелова, директорка на ОУ „Димитар Миладинов“.
Настанот се одбележа со пригодна приредба на учениците, а на Богдановиќ и Ангелов им беа доделени благодарници.
Целокупната реконструкција на фасадата траеше шест месеци. Градежните активности се одвиваа по стандарди за здравје и безбедност, во ниеден момент не ја попречија наставата во училиштето и завршија во предвидениот рок.