Активности|

На денот кога драмскиот режисер и уметник, Горан Стефановски, ќе го прославеше својот 67-ми роденден, 27-ми април, Општина Центар заедно со семејството Стефановски засадија дрво-чинар во паркот спроти општината и го најавија поставувањето на клупа и споменик, кој ќе се издигне веднаш до чинарот.

“На клупата ќе има место за сите нас, како што Горан пишуваше во историската чекална ставени во тесен калап, но сепак, какви такви, обични смртници што живееме тука.  Да си најдеме простор за малку обични радости, за кафе, за боза, за муабет подолг од три реченици, за муабет со себе, со сите со оган во срцето и пламен во главата, за сите со пркос, гнев, бунт, глас за правда и слобода. Да ни биде катче каде што нема да сме потиснати од секојдневнито, да биде една клупа и едно катче за вддишување и издишување покрај Горан, за да ни биде место каде што ќе ги забележиме и цвеќињата и ќе ги видиме дрвата и ќе го вдишеме воздухот околу нас. Ова ќе биде една клупа за љубов, за живот, за слава на животот, за слава на Горан и негово вечно сеќавање“, рече во поздравниот говор Јана Белчева-Андреевска, претседателка на Советот на Општина Центар.

Со пригодна изложба на дела поврзани со ликот и делото на Стефановски, актерски читања на извадоци од неговите драми и музика по избор и вкус на Стефановски, скопјани, дебармаалци и сите присутни вљубеници во убавиот пишан збор му оддадоа почит на големиот драматург.

“Сигурен сум дека не знаеше дека неговата смрт толку многу длабоко ќе се осети кај толку многу луѓе. Можевте да бидете на многу други места овој продолжен викенд, Ви благодарам што одбравте да бидете овде. Дрвото засадено за татко ми само што си го започна животот. Еден живот згасна, друг започна. Нека се вика Горан или Горанчо додека порасне. Нека пушти длабоки корења и нека биде среќно овде“, рече Игор Стефановски, син на Горан Стефановски.

Ова е еден настан кој ќе влезе во програмата за култура на Општина Центар и ќе остане како ден во кој ќе го чествуваме Горан Стефановски, додаде Белчева.

Роден во Битола, на 27-ми април 1952-ра година, Горан Стефановски беше еден од најпознатите и признати македонски академици, писатели, професори и драматурзи. Беше автор на многу текстови и драми, меѓу кои и “Јане Задрогаз“, “Диво месо“, “Лет во место“, “Хај-Фај“, “Дупло дно“, “Тетовирани души“, “Црна дупка“, “Демонот од Дебар Маало“ и на детската ТВ-серија, “Бушава азбука“.

Comments are closed.

Close Search Window