Од утре започнува повикот на Општина Центар за аплицирање за субвенции за купени велосипеди, електрични велосипеди и електрични тротинети. Повикот е во рамките на проектот кој Општина Центар го спроведува неколку години во континуитет под мотото „Цел Центар на точак“. Бидејќи годинава општината ја проширува мерката и вклучува субвенционирање и на електрични тротинети, годинешното мото на проектот е „Цел Центар на две тркала“.
Имено, секој полнолетен жител на Општина Центар кој веќе од утре ќе купи велосипед, електричен велосипед или електричен тротинет може да достави барање за поврат на средства (субвенции) во висина од 30% од вредноста на велосипедот или тротинетот, но не повеќе од 3.000 денари. Потребни документи за аплицирање се: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и оригиналната фискална сметка со сметкопотврда или фактура за купениот велосипед или тротинет, а правото на субвенција е еднократно.
Барањата со комплетната документација се доставуваат во архивата на Општина Центар – Скопје, барака бр.6, почнувајќи од 30-ти мај, по што подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето.
Проектот „Цел Центар на две тркала“ има за цел промоција на физичките, спортските и рекретивни активности, но и грижа за животната средина преку стимулирање на граѓаните што повеќе да користат велосипеди и тротинети како алтернативен транспорт. Со тоа значително ќе придонесат кон намалување на сообраќајниот метеж во градот, намалување на загадувањето и заштитата на животната средина.
За сите дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 3203-600.