Денеска во салата КК „Работнички“ со финалните натпревари во кошарка, завршија „Ученичките спортски игри – лига Центар 19“ , проект кој традиционално се реализира секоја учебна година со поддршка на Општина Центар.
Станува збор за спортски натпревари меѓу учениците од сите 7 основни општински училишта кои се натпреваруваат во неколку спортски дисциплини: одбојка, кошарка, ракомет, фудбал и шах.
„Како голем вљубеник во спортот, силно ги поддржувам сите спортски активности и уверен сум дека спортот и рекреацијата се основен предуслов за создавање здрави животни навики кај младите. Составен дел од спортот е компетитивноста, карактерна особина која се развива уште од мали нозе, а која понатаму во животот е темел за градење успешна личност и кариера. Јас како Градоначалник и Општината Центар ќе продолжиме да даваме поддршка на вакви и слични проекти, кои имаат за цел да поттикнат правилен психо-физички развој кај децата, зближување меѓу учениците и стекнување нови искуства и пријателства, со награди за најдобрите како мотив за победа и успех.“ – изјави Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ на свеченото доделување на пехарите.
Оваа година на „Ученички спортски игри- лига Центар 19“ учество земаа околу 900 ученици. Најуспешните спортисти во турнирите, стекнуваат право за директно учество во огласот за доделување спортска стипендија од Општина Центар, во месец септември. Стипендиите се доделуваат согласно претходно утврдени критериуми и спортски резултати врз основа на спортските федерации на различните спортови, додека наградниот фонд предвидува еднократна финансиска поддршка во висина од 3 000 денари во временски период од 9 месеци или вкупно 27 000 денари по ученик.