Според последното истражување на јавното мислење, расте задоволството на граѓаните од целокупното работење на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“. Врз основа на добиените резултати од анкетата, речиси две третини, односно високи 61% од жителите на Општина Центар позитивно ја оцениле целокупната услуга која ја нуди претпријатието.
Анкетата која за потребите на ЈП ПОЦ ја спроведе агенцијата „Рејтинг“ во периодот од 20 мај до 7 јуни 2019 година на репрезентативен примерок од 3.000 испитаника, го евалуираше јавното мислење во врска со степенот на свесноста на жителите на Општина Центар за безбедноста во јавниот сообраќај, степенот на користење и задоволство од услугите, но и ги детектираше клучните забелешки на граѓаните во кои е потребно подобрување. Статистичката грешка на резултатите во рамки на општиот примерок изнесува +/-1.4%.
57% од жителите на Центар се задоволни од сигнализацијата, знаците и огласните табли до паркинзите, што споредено со резултатите од анкетата во 2017 година, бележи пораст од 3%. Задоволството на граѓаните од бројот на слободни паркинг места изнесува 33% и истото е зголемено за значителни 8% споредено со резултатите од анкетата во 2017 година. Во однос на сигурноста на возилата на паркинзите, позитивно се изјасниле 44% што е за 3% повеќе споредено со резултатите од анкетата во 2017 година.
Високи 49% односно повеќе од двојно е зголемен бројот на задоволни граѓани во однос на незадоволните кога станува збор за осветлувањето на паркинзите, исто како и од работата на контролорите за која позитивно се изјасниле 46% од испитаниците.
И покрај високиот процент на испитаници кои позитивно ја оцениле чистотата на паркинзите со 45% и цената на паркинг услугите со 42%, сепак овие услуги, споредено со истражувањето во 2017 бележат пад од неколку проценти. ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и Општина Центар многу сериозно ги сфаќаат забелешките на граѓаните и веднаш ќе бидат превземени мерки и активности во насока на нивно подобрување.
Во анкетата се оценувани и работата и квалитетот на службата „Пајак“ каде 58% од испитаниците кои ја повикале оваа служба се изјасниле како задоволни од брзината и квалитетот на истата. Задоволството на граѓаните кои ја повикале службата „Пајак“ е зголемено за 5% во однос на резултатите од истражувањето од 2017 година. Услугата на Катните и Монтажните гаражи на претпријатието е позитивно оценета со високо 63% од испитаниците.
Предмет на истражување на јавното мислење се и двете нови услуги кои се воведуваат во ПОЦ, блокаторите кои ЈП ПОЦ неодамна почна да ги поставува на неправилно паркираните возила на резидентните паркиралишта и комплетната дигитализација на услугите на претпријатието, која следува наскоро.
Така, со образложение дека блокаторите ќе воведат ред на резидентните паркинзи, оваа мерка позитивно ја оцениле 55% од жителите на Општина Центар.
Целосната дигитализација на услугите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ е во завршна фаза. Со цел да ги направи своите услуги што подостапни и поедноставни за користење, многу скоро ЈП ПОЦ на своите корисници ќе им овозможи он-лајн склучување и продолжување на договор за повластена паркинг карта и нивна достава до дома, плаќање на паркинг услуга, најава на гости и др.
Во очекување на дигитализацијата, високи 75% од испитаниците изразиле задоволство од нејзиното воведување, што покажува дека граѓаните ги препознаваат придобивките од истата и позитивно ги оценуваат заложбите на ЈП ПОЦ за воведување новини со кои им се олеснува користењето на услугите кои ги нуди претпријатието.