Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ, заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, вчера беа во посета на градинката „Кочо Рацин“ и објектот на новото основно училиште „Капиштец“.
„Освен за некои нови проекти што ги планираме како изградба на нови капацитети разговаравме и за новото покачување коешто се случи за сите вработени во градинките, што е еден стимул за сите наши вработени, колеги, коишто се грижат за децата од претшколската возраст, да ги стимулираат што е можно подобро да ги обавуваат своите дејности“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
„Општина Центар се соочуваше со големи предизвици во предучилишното образование, како и сите други општини. Тоа значеше мал број вработени, на неопредело време, немаше вработувања, ниски плати. Но, заедно со општините, и со Општина Центар, го надминавме ова, во изминатите две години тие добија повеќе од 80 вработувања, само за тој период. Посебно е задоволството што воспитувачите, негователите и стручните соработници добија повисоки плати. Со јунската плата, со исплата во јули, тие добија за повеќе од 3.000 денари покачување на платите, што дава можност да работат многу поквалитетно и многу помотивирано“, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
Градинката „Кочо Рацин“ е отворена во 2015-та година, има капацитет од 190 деца. Тука се згрижуваат деца од 0-6 години, во 11 групи.
„Имаме оваа година вработувања во сите објекти на градинката, кадешто е зголемен капацитетот и на вработените и на децата“, изјави Габриела Алабашевска, директорка на градинката Кочо Рацин.
Царовска и Богдановиќ го посетија и новиот објект на основното училиште „Капиштец“, кое ќе започне со работа во септември. Со современ изглед и капацитет за 500 ученици, ова е првото училиште во регионот кое е целосно адаптирано за лица со попреченост.