Активности|

Oд денеска, започнува реконструкцијата на коловозот на улицата „Рилски Конгрес“ во делот на Општина Центар. Реконструкцијата на улицата следи откако на истата е утврдено значително оштетување на завршниот асфалтен слој.

„Рилски Конгрес во својата постојна состојба е со оштетен завршен слој од асфалт, а на одредени делови оштетувањето е толку големо што го оневозможува нормалното одвивање на сообраќајот и ја загрозува безбедноста на возачите и пешаците. Токму поради тоа, започнуваме со реконструкција на улицата која во основа подразбира замена на постоечкиот завршен асфалтен слој. Проектот за реконструкција го опфаќа потегот од крстосниците со улица „Ѓорѓи Скрижевски“ од една страна до крстосницата со улица “Црниче“ од друга страна, односно делот од улицата кој се наоѓа на територија на Општина Центар, а средствата за реконструкција на улицата се обезбедени преку Центарот за развој на Скопскиот плански регион. – изјави Градоначаникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Реконструкцијата на улицата е предвидена да заврши во рок од една недела,  по што оваа улица треба да го даде соодветното ниво за безбедно одвивање на моторниот и пешачкиот сообраќај.

„Согласно Програмата за рамномерен регионален развој за 2019 година донесена од Владата на Република Северна Македонија доделени се средства за финансирање на Скопскиот плански регион во вкупен износ од 20.789,773 денари. Скопскиот плански регион во моментов работи на шест проекти меѓу кој е и проектот за реконструкција на улицата „Рилски Конгрес“  – Локалитет „Тасино Чешмиче“ во делот на Општина Центар, за кој се издвоени средства во износ од 4.679.302 денари. Согласно Договорот за јавна набавка со изведувачот,  предвидено е градежните активности да се завршат во најкус можен рок поради нивото на безбедност како за локалното население, така и за граѓаните кои во целост ја користат оваа улица“ – изјави Љупчо Кец Мицковски, Раководител на Центарот за развој на Скопски плански регион.

Паралелно, Општина Центар работи и на други капитални инфраструктурни проекти кои се однесуваат на реконструкција и рехабилитација на десетина улици и тротоари на територијата на општината. Станува збор за улици во населбите Водно, Буњаковец, Дебар Маало, Маџир Маало и Капиштец кај кои, во зависност од потребите, се спроведува обнова на атмосферска, фекална и водоводна улична мрежа, како и замена на постоечка асфалтна површина.

Comments are closed.

Close Search Window