Општина Центар информира дека почнувајќи од учебната 2019-2020 година, во седумте општински основни училишта, како изборен предмет за трето одделенците, ќе се воведе изучување на јазиците на помалите етнички заедници во Република Северна Македонија.
Во текот на месец мај, по препорака на Министерството за образование и наука, Општина Центар спроведе анкета за изразување интерес за изучување на српскиот јазик во паралелките од второ одделение во сите седум основни општински училишта на која позитивно се изјаснија вкупно 153 ученици.
Имајќи предвид дека анкетата е спроведена на 29.06.2019 година, односнона денот на доделување на сведителствата, заради можно отсуство на дел од учениците, се очекува оваа бројка да се зголеми откако во септември ќе биде спроведена дополнителна анкета за отсутните. Согласно тоа, очекувањата се дека во учебната 2019-2020 година, ќе има една до две цели паралелки кои факултативно ќе го изучуваат српскиот јазик.
Со почетокот на учебната година, веќе во септември, ќе биде спроведена и анкета за изучување на јазиците и на другите етнички заедници, поточно: босански, турски, влашки и ромски јазик, и во зависност од интересот и овие јазици ќе бидат воведени како изборни предмети за учениците од трето одделение.
Воведувањето на јазиците на помалите етнички заедници во РСМ како изборен предмет во основните училишта на територија на Општина Центар има за цел да им овозможи на децата од одредена националност и академски да го изучуваат јазикот на националноста на која и припаѓаат, но и да им даде можност на децата од другите националности да се запознаат со јазикот на своите соученици. Проектот е во насока на зближување и заедништво, мултиетничка толеранција и разбирање и изучување и запознавање на децата со што повеќе јазици уште од најрана возраст.