На денешната 33-та седница, Советот на Општина Центар го усвои предлогот, новото општинско училиште во населбата Капиштец да го носи името „Киро Глигоров“. Изборот на името на училиштето е по желба на граѓаните кои се изјаснија на јавна анкета која ја спроведе општината на својата веб страница во јули годинава.
ООУ „Киро Глигоров“ започна да се гради во 2016-та година и само по три години ги отвора вратите за првите ученици.
Општина Центар ги известува родителите дека учебната година за учениците и во ООУ „Киро Глигоров“ започнува на 2.09.2019 година, а во понеделник на 26.08.2019 година ќе бидат објавени списоците на паралелките и учениците.
Општина Центар им посакува среќна и успешна школска година на сите ученици во општината.