Вчера вечер, на свеченото доделување посланија за хуманост во Домот на армијата, на Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ му беше врачена награда за хуманост и статуетка со ликот на Св. Мајка Тереза.
Градоначалникот Богдановиќ ја добива наградата за акцијата на општината преку која, над 150 семејства со висок социјален ризик кои живеат на територијата на Општина Центар, секој месец добиваат пакети со основни животни намирници
Акцијата се реализира во рамките на проектот „Нула Глад“во соработка со невладината организација „Банка за Храна“, а со поддршка на маркетите: Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак, Гранап и Кит Го кои редовно ги обезбедуваат потребните намирници.
„За мене ова е навистина голема чест и искрено им благодарам на сите кои ги препознаа заложбите на Општина Центар и моите лични заложби за создавање хумано општество и еднакви можности за сите. Хуманоста е највисокиот алтруистичен чин, одлика на големите луѓе, единствен начин да го измениме светот и да го направиме подобро место за живеење за сите. Силно верувам дека сечиј хуман гест е за поздравување, независно од вредноста и начинот на кој помагаме. Само така испраќаме порака дека секој од нас, кога сака-може да помогне на оние на кои помошта им е најпотребна. Во оваа прилика би сакал да истакнам дека сум исклучително горд на моите колеги во Општина Центар кои редовно учествуваат во разни хуманитарни акции и најмалку 2 до 3 пати годишно даруваат крв. Среќен сум што чувтсвото за хуманост е длабоко втемелено во нашата општинска администрација, а доказ за тоа е и проектот за кој вечерва ја примам оваа награда.“ – изјави Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ на свеченото доделување на наградите и се заблагодари на сите партнери и поддржувачи на проектот
Организацијата „Банка за храна“ – Македонија е непрофитна, добротворна, хуманитарна организација чија главна дејност е собирање на прехранбени продукти и други основни животни намирници, нивно складирање, сортирање и дистрибуција до сиромашните и социјално загрозените категории со посредство на хуманитарните организации, социјалните установи и институции кои исто така помагаат и се вклучени во борбата против сиромаштијата и гладта.
Наградата Послание за хуманост и статуетка со ликот на Св.Мајка Тереза е востановена во 1999 година од граѓанското здружение „Скопјанката Мајка Тереза“ од Скопје. Наградите се доделуваат во рамки на „Денови на Мајка Тереза“ во чест на нејзиниот роденден, а до 5 септември, денот на нејзиното упокојување. Досега, оваа награда ја имаат добиено многу хумани организации и поединци меѓу кои: Црвениот Крст на Град Скопје и Македонија, Дефектолошки центар „Демир Капија“, како и Претседателите Киро Глигоров, Борис Трајковски, пејачот Тоше Проески и други.