Активности|

Со грант од Министерството за транспорт и врски се реконструира улицата „Петричка“, во населбата Маџир Маало. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ во придружба на министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски извршија увид во инфраструктурните работи на улицата.

„Овде, на улица „Петричка“, во населбата Маџир Маало се работи на изградба на фекална и атмосферска канализација во должина од 450 метри и реконструкција на водоводната мрежа. Со овој инфраструктурен зафат го решаваме долгогодишниот проблем на жителите на овој дел од населбата, кои поради неизградена канализациона мрежа беа принудени да користат септички јами. По завршување на овој зафат, Општина Центар ќе постави нов коловоз во должина од 2700 метри квадратни“, изјави Саша Богдановиќ, градоначалникот на Општина Центар.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски пак истакна дека и во иднина продолжува соработката со Општина Центар, но и со другите општини со цел да се решат инфраструктурните проблеми во општините.

„Инвестираме во поквалитетен живот за граѓаните и нивните реалните потреби. Наместо ова, претходната власт инвестираше во споменици. Доказ за тоа се жителите на улица „Петричка“, но и многу други улици кои поради недостаток на инфраструктурна мрежа мораа да користат септички јами“, рече Сугаревски.

Реконструкцијата на улица „Петричка“ во населба Маџир Маало, која се очекува да биде готова за околу два месеци е дел од инфраструктурната летна офанзива во Општина Центар. Неодамна се работеше на улицата „Рилски Конгрес“, на која поради големото оштетување беше оневозможено нормално одвивање на сообраќајот.

Паралелно, Општина Центар работи и на други капитални инфраструктурни проекти кои се однесуваат на поставување подземна канализациона мрежа како и реконструкција и рехабилитација на улици и тротоари на територијата на општината. Станува збор за улици во населбите Водно, Буњаковец, Дебар Маало и Капиштец кај кои, во зависност од потребите, се спроведува обнова на атмосферска, фекална и водоводна улична мрежа, како и замена на постоечка асфалтна површина.

Comments are closed.

Close Search Window