Општина Центар, вчера во просториите на ООУ Јохан Хајнрих Песталоци го организираше третиот по ред граѓански форум во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од УНДП и Швајцарската Развојна Агенција.
На форумот граѓаните и граѓанските организации пред донаторите, општинската администрација, советниците и градоначалникот на општината, Саша Богдановиќ, ги презентираа проектите кои ја поминаа одлучувачката фаза на претходниот, втор граѓански форум од проектот.
Од презентираните 6 проекти, во понатамошната фаза на доработка поминаа 4 предлози, кои подносителите ќе ги доработуваат со стручните служби на општината.
Темата на граѓанските форуми е Социјална инклузија, чија цел е вклучување на граѓаните во процесот на креирање на идеи и проекти за подобрување на животот во заедницата и развој на локалната заедница преку взаемна соработка на општината и граѓаните
Четирите проекти кои ја минаа третата фаза се: Центар за формални и неформални активности, Отворени сцени за културни настани, Пристапност до јавните институции, објекти и површини и Зајакнување на капацитетите на градинките за успешна социјална инклузија.
Проектот „Зајакнување на општинските совети”, организиран од Општина Центар, е финансиран со грант од УНДП и Швајцарската Развојна Агенција и истиот се состои од: циклус од 11 модуларни обуки наменети за општинските советници, мал грант за подобрување на транспарентноста на советот и општината во вредност од 12.000 швајцарски франци, спроведување на 5 форумски сесии и доделување на условен грант во вредност од 50.000 швајцарски франци за реализација на 1 до 3 проекти избрани од страна на граѓаните на форумските сесии.