Советот на Општина Центар, вчера ја одржа редовната 35-та седница. Од 23-те точки на Дневниот ред, најголем дел се однесуваа на програмите за работа и вработување на основните училишта и градинките кои се наоѓаат на територија на општината.
Советот на Општина Центар, на предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, го донесе Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП) на Општина Центар. Општината ќе го користи планот во своето настојување за справувањето со еколошките предизвици на одржлив начин, што ќе претставува придобивка за сите жители. Во склоп на еколошките заложби, Советот донесе одлука Општина Центар, во соработка со Град Скопје, до месец март наредната година, да проектира и реализира 10 зелени површини – паркови, со вкупна површина од 35.000 метри квадратни.
За позелена и почиста општина, Општина Центар од компанијата Горење прифати донација за поставување на паркинзи за велосипеди, на 15 локации во општината, со што дополнително ќе се стимулираат граѓаните да го користат велосипедот како алтернативно средство за транспорт.
Советот ги донесе и годишните програми за работа на 3-те градинки, програмите за вработување во основните училишта, како и одлуките за формирање на Локален совет за превенција и две одлуки за парична помош на жители од општината.