Интегрален текст од денешната изјава за медиуми на градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ
Почитувани медиуми,
Денеска сме тука за да ја информираме јавноста во врска со спорната парцела кај паркингот на Автомакедонија, за нас, како општинска администрација и на граѓаните кои живеат во непосредна близина.
За потсетување, тие што работат во медиумите, па и граѓаните, знаат дека на ова место сме имале доста мили и немили настани поврзани и со самото отуѓување на местото и со одредени постапки.
Ова земјиште е продадено на јавна лицитација во 2012-та година од тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, со намена изградба на катна гаража во висина од 29 метри, на претходно донесен ДУП во 2011-та година, а потоа менуван или усогласуван, претпоставувам, заради потребите на самите инвеститори и нормално, за усогласување на сите овие градби кои се никнати во септември 2019-та година.
До тогаш, имаше неколку пати обиди да се започне со изградба на овој објект, но досега, пред сѐ додека бев во ЈП Паркинзи на Општина Центар реагиравме и поведовме судски спор заради нарушено владение, бидејќи сѐ уште инвеститорот кој што го имаше откупено земјиштето го немаше обезбедено владението и тоа го закочи процесот. Потоа, самиот инвеститор Никофон има покренато постапка за да го добие владението и судот му пресудува да може да се воведе во владение.
Општина Центар во изминатиот период пробуваше да разговара со инвеститорот, бидејќи сметаме дека ако дојде до реализација, покрај сите овие објекти кои беа изградени во Скопје 2014-та, а знаете какви немили сцени се случуваа, ќе се уништи ова последно слободно место кое дополнително ќе ги „загуши“ граѓаните кои живеат овде.
Го разбираме револтот на граѓаните, бидејќи сите овие објекти околу паркингот ќе бидат тотално затворени.
Откако го преземавме земјиштето како општина од страна на државата започнавме да ги гледаме сите предмети, бидејќи станува збор за голем број на парцели кои што тогашната власт ги имаше продадено, почнавме да ги детектираме сите оние недостатоци кои што се јавуваат. Еден од тие недостатоци кој што се појавува тука, освен начинот на кој што е менуван планот, ќе утврдиме како се прилагодувала самата парцела за да може инвеститорот да ја добие во владение, бидејќи за 29 метри ваков огромен објект треба да има влез и излез, а планиран е само еден влез. Ќе видиме како се менувале правилниците и со тоа ќе се занимаваат истражните органи.
На нас како општина ни е спорен самиот договор, самата јавна објава и лицитација. Согласно уредбата за продажба на јавно земјиште, цената се формира согласно намената. Тука имаме 70% компатибилно, односно, изградба на катна гаража и 30% изградба на деловен простор. Ако се земат цените од уредбата, треба да дојдете до некоја почетна цена од околу 5000 денари, а овде почетната цена е 1800 денари. Со самото тоа целиот јавен повик треба да биде ништовен и со тоа да нема договор, а со тоа паѓа и одобрението. Ние од кога го преземавме земјиштето, ги добивме и предметите кои беа веќе завршени и покренавме постапки за основано сомневање за оштетување на буџет и за злоупотреба на службена положба до Јавното обвинителство и чекам одговор.
Сакам да напоменам дека и во изминатиот период има поднесено две кривични пријави и од страна на граѓаните кои што се тука и се уште, според тоа кое го имаме како информација од секојдневната комуникација со граѓаните, не е ништо преземено. Додека не се реши целиот процес, ние се обидувавме да воспоставиме секојдневна комуникација за да најдеме решение, обесштетување или замена со друго земјиште, бидејќи навистина овде не сакаме да се гради катна гаража во висина од 29 метри. Очигледно, инвеститорот инсистира и сметам дека по сите постапки кои што се започнати, предизвика реакција за да може што побрзо да се започне со градба, за да може после тоа штетата да биде поголема.
Затоа повикувам на останатите институции, да реагираат, затоа што веќе имаме основано сомневање за кое сметаме дека може да се даде времена мерка од страна на обвинителството, додека не се расчисти целиот случај. Бидејќи, ако не дај Боже, се започне со градба веќе ќе биде доцна и после тоа ќе има некаква одговорност но веќе штетата овде ќе биде направена.
Новинарски прашања
- Зошто не ја избришавте зградата?
- Планот ние го ревидираме и не можеме да избришеме нешто ако претходно има преземени некакви правни дејствија. Мора прво да се поништи договорот, откако ќе се поништи договорот, земјиштето ќе биде вратено на државата, односно на општината и тогаш ние ќе си ја вратиме првичната функција што ја има земјиштето, а тоа е паркингот. Затоа ние брзаме, односно сакаме што побрзо надлежните институции да реагираат и ако се востанови она за што ние сме сигурни дека е точно, за што може да дојдете и да извршите увид во документите и вие и да знаете дека тоа што го зборуваме е навистина така. Ако обвинителството и истражните органи ги потврдат нашите сомневања, слободно може да дојде до раскин на договорот. Со тоа ќе се врати сопственоста во владение на државата, а потоа ние ќе им го отстапиме на граѓаните за паркинг, за што најмногу им треба. Ова место и така веќе има преголем број на возила, ние се бориме и тој проблем да го решаваме.
- Зошто градоначалникот Жерновски дал дозвола за градба во 2014-та, кога веќе имало поднесено кривична пријава?
- Кривичната пријава е поднесена подоцна, има 2 кривични пријави. Како тогашен директор на ЈП ПОЦ и јас учествував во процесот на организирање на начинот на паркирање тука, од тогаш расположливите документи го имавме само договорот за купопродажба, ги немавме и останатите услови кои тогаш беа во Министерството за транспорт и врски. Сега, од оваа година, веќе кога ги имаме договорите, не само за овој случај, туку и за сите други случаи, имаме започнато постапки. Со конкретни прекршувања кои што за нас се навистина очигледни. Овде имате грубо прекршување. Кога ќе соберете се, имате почетна цена на околу 5000 денари, а овде имате 1800. Од старт, самата аукција требала да пропадне или требало некој да ја поништи. Тие и покрај тоа, го склучиле договорот, каде фактички имате оштета на буџет и злоупотреба на должност.
- Важи ли уште одобрението за градење?
- Да, одобрението е со важност во рок од 6 години за да го изгради, согласно тогашниот закон, значи рокот е некаде 2020-та година. Претпоставувам и дека затоа брза инвеститорот, но пак ќе напоменам: ние ќе направиме сѐ до тоа да не дојде. Искрено, се обидувавме изминатиот период човечки да најдеме разбирање, но ги чекавме и органите да се произнесат. Сметам дека со овој начин и тие ќе се освестат и ќе преземат нешто, затоа што ние нашето веќе го имаме направено. Граѓаните поднеле кривични пријави – никој не им одговара. Ние како институција имаме сомневања, бидејќи сега ги имаме доказите во наши раце и веќе постапуваме и спремни сме тоа да го докажеме дека е така. Сите истражни органи нека дојдат кај нас, на крајот еве ги тука се граѓаните со кои нон стоп споделуваме информации, за да еднаш засекогаш овие работи се расчистат и да им се врати ова земјиште на граѓаните.
- –
- Ние редовно доставуваме информации и со тоа, редовно потсетуваме, да кажам еднаш неделно испраќаме. Бидејќи вие добивате еден предмет и мора го проверите и во одредени други институции дали некоја постапка навистина била така. Ова е само еден случај за кој имаме конкретно, но кога ќе видите какви сѐ прекршувања или според нас, нелогични работи се случувале или не требале да се случат. Но тоа се правело за да се задоволат одредени потреби, претпоставувам истото е и тука. И други случаи, како е заложено земјиштето, дали претходно е добиена согласност, значи тие истраги кои самите ние ги правиме, мора министерството да ни одговори. Така да, ги присобираме и затоа ви реков, во периодот кој што претстои ќе почнуваме едно по едно да ги вадиме доказите, за што сметаме дека има повеќе основи за работа на обвинителството, односно истражните органи.
- Инвеститорот ппобара дозвола за градење од Вас?
- Се уште не. Што се однесува до нас, ние ќе гледаме и ние ќе почнеме да бараме одредени правни процедури додека не се расчисти целиот случај за што напоменав сега усно, а ќе се потрудиме сите документи да ви ги презентираме.
- –
- Искрен да бидам, имате и претходно вести и прочепкајте малку по порталите, ќе видите дека јас и граѓаните што се овде, баш за оваа локација, со мили и немили настани сме се бореле да не се случи и тоа ќе го правиме понатаму.