Советот на Општина Центар во вторник, на 38-та седница помеѓу останатите точки, на дневниот ред за работа како прва точка ја има предлог одлуката за доделување на парична помош за настраданите од земјотресот во Република Албанија.
Серијата земјотреси, од кои најсилниот со 6.4 степени по Рихтеровата скала, со епицентар близу Драч, Р. Албанија, одзеде над 50 животи, над 1000 граѓани се здобија со повреди и остави илјадници без покрив на главата.
За таа цел, Општина Центар се приклучува на хуманитарната акција на останатите општини и на предлог на градоначалникот на општината, Саша Богдановиќ, првата точка на седницата ќе биде помошта за нашите соседи во Драч, Албанија.
Сума од вкупно 800.000 денари од постојаната резерва на Буџетот на Општина Центар – Скопје за 2019-та година, по изгласувањето ќе биде уплатена на посебна сметка на Црвениот Крст на Република Македонија – Фонд за солидарност на Црвен крст на РМ за настраданите од земјотресот во Република Албанија.
На седницата на Советот покрај другото, ќе се усвојуваат и програмите за работа на секторите во општината и ќе се донесува буџетот за работа на општината за 2020-та година.