Uncategorized|

Во рамките на проектот за зајакнување на општинските совети, Програмата за развој на обединетите нации (УНДП) потпиша договор за соработка со 18 општини: Центар, Куманово, Брвеница, Желино, Гостивар, Струга, Кочани, Кавадарци, Могила, Ѓорче Петров, Тетово, Крушево, Вевчани, Зрновци, Чашка, Богданци, Битола и Берово.

Преку проектот, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, советниците од овие општини добиваат обуки и поддршка за планирање и трошење на општинските буџети согласно очекувањата на граѓаните, а секоја од општините ќе добие грант во висина од 50.000 швајцарски франци за приоритетни проекти кои ќе ги изберат граѓаните преку Форумите во заедницата.

„Проектот е се опфатен бидејќи вклучува градење на капацитетите,финансиска поддршка и вмрежување на советниците, со цел да се постигне системска промена кај општинските совети“, рече Постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан.

„На овој начин општинските совети ќе станат поефикасни и посамостојно ќе можат да се справат со влијанијата на извршната власт исполнувајќи ги нивните улоги на одлучување, надзор и претставување“, додаде Сахакјан.

„Задоволни сме од партнерството со УНДП во напорите да се зајакне улогата на општинските совети и да им се овозможи соодветна обука, можности за вмрежување и професионална соработка, на национално и меѓународно ниво“, изјави амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада.

Покрај обуките за советниците и грантот од 50.000 швајцарски франци, секоја од општините ќе добие и грант во висина од 12.000 швајцарски франци за имплементација на иновативни IT решенија зазголемување на транспарентноста и отчетноста на општините, како и учеството на граѓаните во носењето одлуки на локално ниво.

„Политиката на Владата за подобрувањето на системот на локалната самоуправа е јасна, а во последните шест месеци, со активностите за продлабочување на процесот на децентрализација и многу актуелна. Крајната цел е оддржливи, ефективни и ефикасни општини, во служба на граѓаните, што всушност е и целта на овој проект. Транспарентно и отчетно работење кое во центарот на вниманието секогаш ќе го има граѓанинот“, изјави заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески.

„Преку проектот се обезбедува континуирана поддршка на работата наКомисијата за следење на развојот на системот за финансирање на општините со подготовка на полугодишни и годишни извештаи за финансиското работење на општините,преку кои се следи напредокот на финансиската децентрализација“, изјави Ширет Елези, заменик-министерка за финансии.

Од 2017 година до сега, вкупно 24 општини се вклучени во програмата. Во Велес, Свети Николе, Чаир, Охрид, Струмица и Валандововеќе се реализираат проекти со кои се подобруват социјалните услуги за најранливите категории граѓани во овие општини.

Проектот, вреден 3,4 милиони швајцарски франци, е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка и е имплементиран од УНДП во партнерство со Министерството за локална самоуправа, Министерството зa финансии, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Здружение на финансиски работници и UN Women.

Comments are closed.

Close Search Window