Активности|

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денес ја посетија градинката Раде Јовчевски Корчагин, поточно клонот Пепелашка.

Објектот во кој се наоѓа клонот Пепелашка е стара семејна, еврејска куќа, изградена во 1892-рата година. Куќата е дадена како подарок, исклучиво за една намена – детска градинка.

Општина Центар врши комплетна реконструкција на целата површина на градинката, од вкупно 1025 метри квадратни.

Се поставува целосно нова електрична и водоводна инсталација со еколошки цевки, изработени по европски стандарди.

„Реконструкцијата го опфаќа и надворешниот дел од градинката, односно нејзината фасада. На местото на старата и дотраена надворешност, поставуваме нова енергетски ефикасна фасада, која освен што ќе заштеди на сметките за греење, нема да го наруши изгледот на објектот и со самото тоа, целосно ќе се зачува неговата автентичност. Ги реконструираме и тоалетите, поставуваме нова санитарија, а се изведува и таканаречена ‘топла врска’ во ходниците, која ќе ги поврзе објектот каде што дечињата престојуваат со салата за свечености, со што ќе се избегне студот во зимските денови“, изјави градоначалникот Богдановиќ при денешната посета.

Цената на чинење за реконструкцијата на објектот изнесува 340 евра по метар квадратен. Проектот е финансиран од општинскиот буџет, а поддржан е од Министерството за финансии преку MSIP проектот – Проект за подобрување на општинските услуги на Светската Банка.

„Како Влада посветено работиме на зголемување на опфатот на деца во предучилишно образование за 50%, со што забрзано се зголемуваат капацитетите во детската заштита. На овој начин преку инвестициите во градинките, инвестираме во раниот детски развој а со тоа и во иднината на нашата држава. Освен што се зголемуваат капацитетите на градинките, се работи на подобрување на воспитните програми и на јакнење на кадарот кој се грижи и ги воспитува децата. Само во последната година платите на вработените во градинките се зголемени за 21%, што е најголемо покачување до сега“, додаде министерката Царовска.

За идната година од Буџетот на државата се издвоени 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години беа инвстирани над 180 милиони денари. Обезбедени се и дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки.

Comments are closed.

Close Search Window