Активности|

Пред управната зграда на ЈП ПОЦ, Градоначалникот Саша Богдановиќ ги подели пакетите со основни месечни животни намирници на семејства со висок социјален ризик кои живеат на територијата на Општина Центар. Пакетите, кои се состојат од храна и средства за лична хигиена, во континуитет општината ги доделува на вкупно 150 семејства, кои секојдневно се справуваат со предзивикот како да го поминат денот и да се прехранат.

Проектот се реализира со поддршка на маркетите: Рамстор, Кам, Веро, Тинекс, Жито Маркети, Стокомак и Гранап, кои редовно ги обезбедуваат потребните намирници.

Акцијата се спроведува во рамките на проектот „Нула Глад“, кој општината го реализира во соработка со невладината организација „Банка за Храна“. Проектот има за цел помош и поддршка на социјално загрозените семејства, а преку него општината дава свој придонес во справувањето со сиромаштијата и гладот.

Организацијата „Банка за храна“ – Македонија е непрофитна, добротворна, хуманитарна организација чија главна дејност е собирање на прехранбени продукти и други основни животни намирници, нивно складирање, сортирање и дистрибуција до сиромашните и социјално загрозените категории со посредство на хуманитарните организации, социјалните установи и институции кои исто така помагаат и се вклучени во борбата против сиромаштијата и гладта.

На една година од почетокот на акцијата и успешната реализација на проектот „Нула Глад“, претседателот на „Банка за Храна“, Душко Христов на градоначалникот Богдановиќ му додели благодарница за успешно учество во проектот.

Проектот „Нула Глад“ на Општина Центар и невладината организација „Банка за Храна“ продолжува да се реализира секој месец, до крајот на оваа година.

Comments are closed.

Close Search Window