Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ заедно со вице-премиерката задолжена за економски прашања, Мила Царовска , дополнителната заменска министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ и директорката на училиштето го пуштија во употреба новиот центар за лица со церебрална парлиза, кој се наоѓа во рамки на центарското основно училиште „Киро Глигоров“.
Центарот претставува прв инклузивен центар за вакви лица кој се протега на површина од 305 м2 и истиот е опремен со антибактериски подови, тоалети адаптирани за потребите на лицата со церебрална парализа, кујна по хасап стандарди, рампи за пристап до ботаничката градина и спортските терени во училиштето, клинео плафони, адаптибилно загревање и интерактивни табли.
„Станува збор за прво инклузивно училиште, како што беше најавено на самото отворање на ООУ ‘Киро Глигоров’. Изминатиов период, заедно со Министерството за труд и социјална политика напорно работевме и успеавме да го завршиме овој центар за лицата со церебрална парализа. Дневниот центар официјално ќе почне со работа за 15 дена авкупниот капацитет на лица кои ќе членуваат во овој дневен центар ќе биде четириесет“ – изјави градоначалникот Богдановиќ.
„Во овој дневен центар децата ќе ја добијат целата поддршка согласно нивните индивидуални потреби, ќе имаат на располагање стручен кадар и како што можете да видите, центарот е опремен со најсовремени средства и дидактички материјали. Ова е голем чекор којшто ќе допринесе до она што е крајна цел во нашето општество, а тоа е, едно општество за сите и инклузија за сите деца со попреченост. “ -изјави дополнителната заменска министерка Шкријељ .
Општина Центар преку отворање на ваков центар покажува грижа и целосно вклучување на лицата со попреченост во општеството како и огромното значење за локалната заедница во обезбедување поквалитетен живот за сите граѓани во целата заедница.
„Навистина е важно да се развиваат услуги на локално ниво со цел да ги поддржиме сите граѓани во заедницата кои имааат одредена потреба од поддршка на институциите. Кога зборуваме за сервисни услуги за граѓаните, директно зборуваме и за развој на економијата. Кога отворате услуга, во тој момент отворате и нови работни места. Додека, од друга страна овозможувате жените, кои се јавуваат во 50% од неактивното население во нашата земја, добиваат можност да бидат вработени. Затоа што улогата, се уште во нашата држава е дека за лицата со попреченост за возрасни лица и децата, се уште се грижат жените во семејството. Доколку се обезбедат услови како градинки, социјални сервиси, во тој момент се ослободува улогата на жената и таа се активира на пазарот на труд.“ – изјави вице-премиерката Царовска.
„ Да продолжиме заедно и понатаму во борбата за хумано и инклузивно образование како што е ООУ „Киро Глигоров“. Тоа да послужи како пример за подигнување на свеста кај сите нас за значењето од еднаквоста и припадноста на лицата кои се соочуваат со попречености и нанивните семејства“ – додаде градоначалникот.