Како резултат на актуелната состојба со вирусот КОВИД – 19 (коронавирус) и прекинот на воспитно-образовниот процес, Општина Центар ги примени сите насоки и иницијативи од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието за надоместување на изгубениот наставен материјал. Преку неформално образование и користење на разни дигитални алатки, во наредниот период, учениците ќе ја реализираат наставата од далечина по електронски пат.
Според Годишната програма за работа во основните училишта, уште од вчера се поставени наставни материјали за работа за сите одделенија, како и многубројни едукативни содржини и презентации по сите наставни предмети. Дигиталните платформи кои ќе ги користат ученици во соработка со наставниот кадар од училишта се: официјалните веб страници, електронската пошта, платформата за активно учење Edmodo,Google classroom,Viber, Facebook и Skype комуникација за настава од далечина.
Основните училишта “Киро Глигоров“, “11 Октомври“, “Димитар Миладинов“ и “Гоце Делчев“ на своите веб страници ги поставија наставните материјалите за учење и задачите за учениците групирани по одделенија.Додека пак наставниот кадар на ООУ „Коле Неделковски“, ООУ “Кочо Рацин“, ООУ “Ј.Х. Песталоци“ и ООУ “Св Кирил и Методиј“им подготвија едукативни содржини, домашни задачи идополнителни насоки за работа на учениците преку платформата за активно учење – Edmodo, електронска пошта, вибер групи и други начини на комуникација, со цел да им се овозможи на учениците самостојно да ги совладаат наставните содржини.Дел од наставниот кадар со своите ученици реализираат и часови на Skype, особено за наставните предметите по математика и странските јазици, кадештоучениците имаатдополнителна потреба од објаснување од страна на наставникот.
“Основното центарско училиште „11 Октомври“ на својата веб страна постави опција “Учи од дома“ каде ги поставуваме тековните наставни содржини и задачите за нашите ученици. Овој модел го користиме од понеделникот и за сега е доста успешен. По завршување на задачата, во рокот утврден од предметниот наставник, учениците му ги испраќаат домашните. Наставните содржини ги поставуваме согласно наставните планови и програма за работа на училиштето и очекуваме да ја задржиме планираната динамика. Сите наставници се целосно достапни потребите на учениците.“ – изјави директорката на ООУ “11 Октомври“, Даница Блажеска.
Покрај материјалите, учениците ќе добиваат и задачи со точно утврдени рокови за изработка и доставување до наставникот по електронски пат.Со цел да се одржи континуитет во учењето, многу е важна повратната информација од ученикот и неговата улога за самоучење, истражување, пребарување на интернет, експериментирање и следење на точно зададените насоките од страна на наставниците. Од особено значење е улогата на родителите за поддршка на своите деца во совладувањето на наставниот материјал и изработката на домашните задачи.
“Сите одделенски и предметни наставници веќе во понеделникот со своите ученици го договорија начинот на учење во овој период. Веќе се испратени до учениците наставните содржини и зададени им се домашни задачи со точно утврден рок до кога да бидат завршени. Се трудиме учениците да добијат по една до две задачи од секој предмет во текот на неделата со цел да го задржиме нивното внимание, но и да не ги преоптеретиме со материјал што треба да го совладуваат во домашни услови“ – изјави Светлана Масларевска, директорка во ООУ „Коле Неделковски“, Центар Скопје.
Преку ротационите дежурства на вработените, училиштата во Општина Центар остануваат отворени за сите прашања и информации за граѓаните.
Општина Центар повторно апелира до сите граѓани да ги почитуваат мерките и препораките од Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство и преку заедничка одговорност да се грижиме за јавното здравје.