Во Општина Центар во тек е поставување на геловите за хигиенска дезинфекција на раце во влезовите на колективните згради.
Поставувањето на дезинфекциските гелови е уште еден во низата чекори кои општината ги презема во врска со справувањето со епидемијата на вирусот Ковид 19 (Корона вирус).
Општина Центар досега спроведува поголем број на активности поврзани со борбата против епидемјиата на Корона вирусот. На терен се мобилните тимови за помош и поддршка на ранливите групи на граѓани (деца, пензионери, болни и изнемоштени лица), основните училишта својата наставна програма ја изведуваат онлајн, а се дезинфицираат и влезовите на зградите, улиците и јавните површини.
Сите заедници на станари, кои имаат потреба од поставување на дезинфекциски гел за раце во нивниот влез, може да аплицираат телефонски, на 02/3203-682 или со барање по електронски пат, на info@centar.gov.mk.
Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ упатуваат апел до сите жители на општината да се придржуваат до мерките и препораките на Владата и на Министерството за здравство, затоа што само со почитување на мерките, сите заедно можеме да излеземе како победници од епидемијата на Корона вирусот.