Активности|

Во ек на пандемијата на Корона вирусот, Општина Центар како одговорна единица на локалната самоуправа, покрај останатите мерки кои ги спроведува за заштита и превенција од Корона вирусот, изминатите денови со конкретни активности ги помага и полициските станици „Беко“ и “Пролет“.

Службите на општината секојдневно доставуваат нова пратка на заштитни маски и ракавици во ПС „Беко“, за безбедно справување на полициските службеници при извршувањето на нивните редовни задачи.

Општина Центар отстапи и три службени возила за користење од страна на полицијата за редовни патроли и контроли, а полициските станици на располагање веќе имаат и десет пумпи за распрскување. Општината на полицајците од ПС „Беко“ и ПС „Пролет“, покрај останатите активности, секојдневно им доставува храна.

Полициските станици од страна на општината се третираат како исклучително важни и неопходни во овие моменти на прогласена пандемија и важноста на сигурноста и безбедноста на полициските службеници е од големо значење. Затоа, општината во ПС „Беко“ изврши целосна дезинфекција на работните простории, со што дополнително го зголеми степенот на безбедност и заштита од Корона вирусот.

Општина Центар и градоначалникот Саша Богдановиќ повторно апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките на Владата и Министерството за здравство. Сите да се придржуваме до мерките за заштита од Корона вирусот, затоа што само така, со заедничко почитување, солидарност и совесност, можеме да го победиме Ковид 19.

Comments are closed.

Close Search Window