На денешен ден, пред 68 години во Битола е роден Горан Стефановски. Состојбата предизвикана од кризата со корона вирусот, го спречи одржувањето на собирот по повод роденденот на еден од најголемите македонски драматурзи чии дела се длабоко вкоренети во културниот идентитет на земјава. Настанот требаше да се одржи во неговото омилено Дебар маало, а меѓу другото, општина Центар и неговото семејство планираа и поставување клупа со седечка скулптура на Горан Стефановски. За жал, затворањето на границите спречи клупата да пристигне од Англија така што таа ќе биде поставена кога ќе се создадат соодветни услови за тоа.
Со цел достоинствено одбележување на роденденот на драмскиот писател, изработено е видео во кое дел од неговите блиски соработници и пријатели говорат за големината и значењето на Стефановски. Емотивните сведоштва на неговиот брат – музичарот Влатко Стефановски, режисерот Слободан Унковски, драматургот Дејан Дуковски и актерите Благоја Чоревски и Јовица Михајловски автентично ги доловуваат духот и харизмата на Горан. Во видеото е содржан и монолог од неговата драма „Огнени јазици“, во изведба на актерот Драган Спасов Дац.
Стефановски почина на 27 ноември 2018 година, во Кентербери, Англија. Автор е триесетина драмски текстови меѓу кои „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ итн. Беше дел од тимот што ја создаде легендарната ТВ серија „Бушава азбука“. Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје и на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди и признанија.