Советот на Општина Центар, вчера (25.12.2018), ја одржа 22-рата седница. На дневен ред на седницата најголем дел од точките беа предлог-програмите за работа на секторите и одделенијата во општината за наредната година.
Покрај усвојувањето на програмите за работа на општината, советниците изгласаа и одлука за прифаќање донација на зимски јакни, кабаници и носачи за бебиња од УСАИД, кои ќе бидат поделени на бездомните лица и социјално загрозените семејства.
Советот на Општина Центар го усвои и буџетот, како и одлуката за извршување на буџетот за 2019-та година. По претходно потпишаниот меморандум за поддршка, на седницата советниците одлучија објектот на поранешниот ресторан “Кај Злате“, кој се наоѓа во населбата Пролет, а е во сопственост на Општина Центар, да го дадат на користење на Црвениот Крст на Град Скопје. Со ова, општината и Црвениот крст покренуваат заедничка акција за ангажирање и помош на лицата со посебни потреби, со што ќе се овозможи полесен пристап до услугите и придобивките од работата на организацијата на територија на општината.
Советот покрај ова, ги изгласа и годишниот план за вработување, како и програмата за работа на јавното претпријатие “Паркинзи на Општина Центар“ (ЈП ПОЦ).
Советниците одлучија да ја прекинат седницата на 20-тата точка, а продолжението е закажано за в четврток, со почеток од 14:00 часот.